„Во однос на активностите што ќе ги преземеме, засега може да кажеме дека откако ќе го добиеме извештајот од Министерството за здравство, ќе биде разгледан во Комората, а што ќе се преземе понатаму, зависи од неговата содржина“, потенцираа од Лекарската комора.
На вчерашната прес-конференција, министерот за здравство Арбен Таравари информираше дека при извршениот стручен надзор во Клиниката за детски болести и во Клиниката за респираторни болести кај децата во Козле, биле констатирани одредени недостатоци и тоа системски, технички од аспект на опрема и стручни.
Зборувајќи за овие две клиники во Скопје, тој соопшти дека во делот на системски недостатоци, констатирано е непостоење на препораки или алгоритми за тријажа на пациентите при прием и понатамошен третман.
„Исто така, констатирана е потреба од континуирана обука на докторите на Клиниката за детски болести за срцево-респираторна поддршка. Во однос на техничките недостатоци, во Козле е констатирана потреба од соодветна апаратура за пружање респираторна поддршка, инвазивна и неинвазивна“, појасни Таравари.