По добиениот извештај од извршен надзор над стручната работа на Универзитетската клиника за детски болести, Скопје и ЈЗУ Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај децата – Козле, Скопје, подготвен од страна на Комисија за стручен надзор на министерот за здравство, а во врска со лекувањето и третманот на починатото дете Р. С., Комисијата за етички и правни прашања при Лекарска комора, вчера одржа седница и заклучи дека најголем дел од пропустите нотирани во извештајот се системски пропусти во овие здравствени установи.
„За овие пропусти Комората нема директна надлежност, но изразува голема загриженост, затоа што сериозно го засегаат работењето на здравствените установи и квалитетот на здравствените услуги. Веруваме дека здравствените установи, како надлежни за овој сегмент од извештајот, во соработка со министерот за здравство, во зададените рокови ќе ги отстранат пропустите.
Во однос на стручните пропусти во третманот нотирани во извештајот, Лекарската комора може да постапува само во рамки на законски утврдена постапка согласно Законот за здравствена заштита, односно само врз основ на решение изготвено од страна на министерот за здравство. Во конкретниот случај вакво решение досега не е доставено до Комората, а Комората нема законска можност самоиницијативно да пристапи кон утврдување на индивидуална одговорност и да предлага мерки само врз основа на доставениот извештај.
Лекарска комора ќе постапи веднаш, согласно своите надлежности и ингеренции, штом добие решение од министерот за здравство со кое точно ќе се прецизира индивидуалната одговорност и ќе се предложат конкретни мерки согласно законските прописи. Целосно ја разбираме потребата на јавноста за побрзо лоцирање и утврдување на одговорност, но постапувањето надвор од законските прописи и ингеренции носи ризик одлуките да бидат обжалени и прогласени за ништовни“, соопшти Лекарската комора.