Во извештајот објавен денеска, генералниот секретар на Лекари без граници Кристофер Локјир изјави дека забележале „јасни знаци на етничко чистење бидејќи Палестинците биле насилно раселувани, бомбардирани и заробувани“, пренесе Франс прес.
„Она што медицинските тимови го сведочат на теренот за време на овој конфликт е во согласност со описите на сѐ поголем број правни експерти и организации што заклучуваат дека во Газа се врши геноцид“, рече Локјир.
Израел постојано ги негира обвинувањата дека неговата воена офанзива во Појасот Газа може да се окарактеризира како геноцид.
Во извештајот „Газа: живот во смртна стапица“ пишува и дека израелската опсада на таа палестинска територија драстично ја намалила испораката на хуманитарна помош – овластување да ја доставуваат од октомври имаат само 37 камиони дневно, додека пред војната имало 500 камиони.
Се вели дека медицинските тимови на Лекари без граници прегледале 27.500 пациенти и извршиле 7.500 операции во Појасот Газа за една година, а меѓу населението брзо се шират болести, бидејќи 90 отсто од 2,3 милиони се раселени и живеат во многу тешки услови.
Таа организација го осуди блокирањето на евакуациите од медицински причини, наведувајќи дека Израел од мај до септември оваа година одобрил само 1,6 отсто од таквите барања.
Во извештајот се наведува и дека се документирани 41 напад врз вработени во таа организација, вклучувајќи воздушни напади врз здравствени установи и отворање оган врз хуманитарни конвои.
Лекари без граници наведуваат дека нивните членови 17 пати биле принудени да евакуираат болници и здравствени центри.
Во извештајот организацијата повикува на итен прекин на огнот и крај на опсадата на Појасот Газа со цел да се овозможи испорака на хуманитарна помош и апелира до најблиските сојузници на Израел „да ја прекинат безусловната поддршка за Израел и да ја исполнат обврската да се спречи геноцидот во Газа“.