сабота, 27 јули 2024
Вилсон

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Легитимитетот на лидерот и на раководството на СДСМ мора да извира од најниските ешалони

На последниве избори дури и членството сфати дека лидершипот на партијата е тука само за лични амбиции, богатење и креирање кариерни можности надвор од државата. Воопшто и не треба да сме изненадени, бидејќи највисоките партиски и државни позиции им беа отстапени на луѓе „преку ноќ никнати“, „инсталирани“ или „веќе еднаш тргнати па вратени, исфрустрирани и гладни“ кадри.

Аve, Imperator, morituri te salutant! – Да живее Императорот, оние што ќе загинат те поздравуваат. Ова го извикувале славните римски гладијатори под империјалниот балкон пред секоја борба во колосеумот. Дали поразениот гладијатор ќе живее или не, публиката одлучувала со кревање или спуштање на палецот, а императорот го давал последниот суд, најчесто на задоволство на публиката.

Во ваква сликовита ситуација денес се наоѓа Социјалдемократскиот сојуз на Македонија. Поразената партија мора прво да ги врати симпатиите кај сопственото членство, а конечниот суд на избори да го даде суверенот – граѓанинот.

Борбата за преземање на кормилото во Социјалдемократскиот сојуз зема сѐ посилен замав. Најавите за кандидатури за лидер на партијата „фрштат“ на сите страни, но во хаосот од дневни вести и кафе-муабети се издвојуваат две имиња што сметаат дека ова е клучниот момент што не смее да се пропушти и да се преземе контролата над партијата, која го доживеа најголемиот изборен пораз во своето постоење. Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски, и директорот на Царинската управа, Стефан Богоев, се имињата што најсилно одекнуваат во македонскиот медиумски простор. Дали тоа се должи на стекната репутација, на преференца кај медиумските могули во државава или на некаква невидлива рака наречена меѓународна заедница, тоа останува допрва да видиме.

Очекувањата на пошироката заинтересирана јавност се дека партијата мора да се престрои, идеолошки повторно да се редефинира и репозиционира (оваа потреба не е само по нивна вина, левицата глобално се наоѓа во егзистенцијална криза и има потреба од репозиционирање и редефинирање на својата идеологија) и конечно по внатрешните државни прашања, да ја поправи својата руинирана репутација, која од државотворна, патриотска партија што својот патриотизам и парадигма ги градеше примарно на темелите на Народноослободителната епопеја и асномските принципи и начела, нималку не изоставувајќи го Илинденскиот период и неговата важност во создавањето на македонската држава и нација, денес важи за измеќарска интересна заедница што загубила допир со реалноста и контакт со сопствениот народ, дури и контакт со сопственото членство.

СДСМ секогаш имала репутација на партија што кога доаѓа на власт, го заборава сопственото членство. Раководството што се преселува од Бихаќка на Илинденска ББ, магично како со прекинувач на сијалица од партиски „другари“ стануваат „премиере“, „министре“, „секретару“, небаре им е вдахната виша сила, нешто слично како дамнешното крунисување на кралевите што по помазанието стануваат вдаховени со божја сила и мудрост.

Разликата во претходните мандати на СДСМ на власт со овие два од 2017 до 2024 се состои во тоа што порано кај членството сепак постоеше некое верување дека работите што ги прават партијата и раководството се за доброто на државата. Секогаш носат тешки стратегиски одлуки, од кои „вмровците“ секогаш бегале, се зафаќаат со некакви реформи, некаква демократизација итн. Овој пат, на последните избори, дури и членството сфати дека лидершипот на партијата е тука само за лични амбиции, богатење и креирање кариерни можности надвор од државата. Ако подобро размислам, воопшто и не треба да сме изненадени, бидејќи највисоките партиски и државни позиции им беа отстапени на луѓе „преку ноќ никнати“, „инсталирани“ или „веќе еднаш тргнати па вратени, исфрустрирани и гладни“ кадри.

Докажувањето на овој став е многу лесно и едноставно. Каде се доскорашните министри и директори, секретари и советници – раководството на СДСМ?! Изминува веќе еден месец од изборите, ниту нивните соседи не можат да ги видат и најдат, камоли членовите на партијата. Доколку се работи за функционери што извираат од партиската структура, кои биле членови на таа партија од идеолошки побуди, а не од личен интерес, дента по изборите и по тој катаклизмичен пораз ќе седнеа на партиските столчиња и ќе се фатеа за работа. Ќе се даваше отчет и ќе се зафатеа со трите најбитни прашања за иднината на партијата: „Каде и колку погрешивме?, „Што и како треба да направиме?“, и последно, но не помалку битно, „Кој треба тоа да го направи?“. Но сега просториите на партијата се празни.

Како партија, треба да сфатат дека мора постојано да се во дослух со народот и да не бегаат од реалноста. Да научат да практикуваат реална власт и да не создаваат феуди за секој функционер, небаре ресорите и институциите стануваат исклучиво лична сопственост и одговорност. Да не забораваат да бидат во дослух со сопствените членови, а партијата да не ја селат во владата, туку паралелно партијата да биде контролор на функционерите номинирани од сопствените редови.

Последно, партијата мора да научи дека иако важи за партија што секогаш презема тешки одлуки на своите плеќи, тоа не може и не смее да го прави избрзано, без поширок консензус и процес на информирање и убедување на народот. За да носите одлуки што се непопуларни, а сметате дека се визионерски и добри за иднината на нацијата и државата, мора да влезете во процес на убедување на сопствениот народ, на создавање правилна перцепција, да го водите народот по зацртаниот пат со визија, карактер и интегритет, а не на сила како со вперен пиштол, против волјата на сите.

Како левичари, социјалдемократи, мора да седнат и да си ја редефинираат идеологијата и да се репозиционираат во политичкиот спектар. Настрана од светската криза во левицата, македонските социјалдемократи имаат сопствена домашна криза. Тие секогаш имале јасно издефинирани позиции во однос на националните прашања, кои сега преку ноќ се загубија со новите дезидеологизирани, импутирани и профитерски кадри. Како центар-лево ориентирана идеологија, македонската социјалдемократија мора да се пронајде себеси во новото време. Таа не смее да се плаши да се репозиционира „кон десно“ за многу работи, не само за националните прашања, за кои во моментов ѝ го има дадено монополот на ВМРО-ДПМНЕ. Таа мора да оди кон десно и во одредени економски политики (што беше видливо со неуспехот во даночната реформа на Зоран Заев и многу други економски политики, особено во делот на стопанството). Духот на левицата мора да биде зачуван во борбата за социјална правда и еднаквост, засилена заштита на правата на работниците, зголемена државна активност во ресоздавање на сега веќе загубената средна класа и многу други битни сегменти за кои треба посебно да се пишува, дискутира и елаборира.

(Што би рекле старите комунисти, единствена политика е кадровската политика!)

Во поглед на избирањето ново раководство и лидер, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија не смее да падне во замката на избирање старо-ново водство или сценарија на инсталирање лидер. Треба да се организира поширока дискусија со поширокото членство, по месни и општински организации. Треба да се добие насока и од симпатизерите што не се членови и од интелектуалата што инклинирала кон политиките на СДСМ.

Легитимитетот на лидерот и на новото раководство мора да извира од најниските ешалони, а за тоа да се случи, треба оставка да дадат и раководствата на месните, општинските и градските организации. Членството мора да постави свои претставници, па потоа да оди на избори за претседател на партија.

Зошто акцентот го ставам прво на изборот на месните и општинските организации!? Тоа е насушно битно за да се обезбеди квалитетна понуда на изборите за претседател на партијата. Вака поставени, работите ќе резултираат со понуда на веќе профилиран кадар, кој иако сега тврди дека немал удел во креирањето на политиките на партијата, реалноста е дека доаѓаат од истиот шинел, нивните имиња избиваат токму од раководството од кое (убеден сум) идниот СДСМ ќе се оградува и ќе бара начин да го претстави како најголема научена лекција во своето постоење. Мора да се обезбеди внатрепартиско гласање за суштинска промена, а не само гола форма на некаков демократски процес на гласање, каде што изостанува квалитетна и поинаква понуда.

Партијата мора да најде лидерство што ќе обединува, кое ќе има стаменит однос во надворешните односи и во односот кон меѓународната заедница, кое политичките опоненти ќе ги гледа како сограѓани со различен пристап, но иста цел – просперитет на државата. Лидерство што не е обременето со носење погрешни одлуки и лидерство што има сосема нови и поинакви идеи од оние што ги гледавме до сега.

Не би сакал да лицитирам со имиња, затоа што така ќе падне во вода мојата позиција во однос на тоа што треба да следува во СДСМ, но знам дека таа партија има сила да го изоди тој пат и дека нема повторно да дозволи да мине десетлетија во опозиција, со што под закана би го ставила и самото свое постоење.

На сите разочарани членови и симпатизери што не биле активни во минатото или мислеле дека за нивните ставови и погледи немало простор, им порачувам дека просториите на партијата денес се празни, таму нема никој!

Не дозволувајте просторот да го заземат ликови што не се достојни на името и наследството на таа партија, не дозволувајте таму да седат луѓе што ќе работат од себични и алчни побуди за лесно богатење. Тие простории се наменети за луѓе-родољуби што ѝ посакуваат светла иднина на Македонија, луѓе што имаат напредни идеи, луѓе што ги боли неправдата и маката на својот сограѓанин, луѓе што знаат кои се и што се, луѓе-социјалдемократи!

Вилсон

КОЛУМНИ

Ристо Цицонков

Тoплински острови во градовите

Дарко Митревски

Да не се лажеме

Стефан Вељановски

Зошто треба да инвестираме повеќе во жените од руралните подрачја?

Бојан Блажевски

Чечичен молк: Долг е патот до автопат

Наташа Јаневска

Пет проценти од буџетот на државата за образованието е клучот за...

Шанг-Јин Веи

Дaли атентатот ќе му донесе победа на Трамп?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ