„Во врска со неоснованите обвинувања и клевети упатени на наша адреса, а во интерес на објективното информирање на јавноста, сметаме дека е неопходно да укажеме на следното:
АД Д-р Пановски-Скопје не е политичка партија и не учествува на избори, туку е приватна компанија, меѓународен конзорциум во кој има ЕУ и швајцарски капитал, и е основана пред 30 години. Оттука, обидот да бидеме вовлечени во дневно-политичката пресметка на партиите, го сметаме за непосредно загрозување на темелните вредности на македонскиот устав како ‘правната заштита на приватна сопственост’ и ‘слободата на пазарот и претприемништвото’.
Земајќи предвид дека последниот напад доаѓа од пратеник на владејачка партија, истиот го доживуваме и како директна закана, за што ќе ги информираме надлежните меѓународни организации.
Особено што тоа го направи на крајно клеветнички и неодговорен начин кон АД Д-р Пановски, и без никаков основ нѐ посочува како директен виновник за недостаток на лекови во јавното здравство за најтешко болните пациенти. Ваков говор на омраза е многу опасен преседан за македонските компании, креира правна несигурност што е недозволиво за држава која е полноправен член на НАТО-aлијансата и претендент за полноправно членство во ЕУ.
Апсолутна невистина се обвинувањата дека АД Д-р. Пановски ја диктира ценовната политика на лековите и со тоа наводно го уценува јавното здравство со високи цени за онколошка терапија. Законот за формирање на цени на лекови е донесен во 2007 година со кој се регулира начинот на формирање на цените на лековите, каде јасно стои дека одговорни за методологијата за формирање на цени се Министерството за здравство и одделот за формирање на цени на лекови при министервото.
Зад квалификациите дека Д-р. Пановски е омилена партиска веледрогерија всушност се кријат бизнис интереси со цел да се наместат нови доставувачи на лекови и медицински материјали и опрема.
Добронамерно му порачуваме на г-дин Лефков, пред да ја стави АД Д-р. Пановски повторно во некаков партиски контекст, внимателно да се информира, колку јавните здравствени институции имаат заостанати долгови кон нашата компанија за веќе испорачани лекови и во кој период истите долгови се акумулирани.
Наш императив е пациентите да добиваат и да им биде достапна најсовремена медицинска терапија и затоа не ретко сме се ставале во функција на јавното здравство и тогаш кога тоа било на наша штета.
Наша обврска е да го заштитиме нашиот корпоративен имиџ, бидејќи ваквите напади ни причинуваат сериозна нематеријална и материјална штета. Правниот тим на АД Д-р. Пановски веќе презема соодветни дејствија во оваа насока“, се вели во демантот на АД Д-р Пановски.
Претходно, пратеникот Лефков на прес-конференција искажа наводи дека „мафијата на смртта поддржана од Филипче за 3 години земала 35 милиони евра тендери само од Онкологија“.
„Деновиве сме сведоци на вештачки искреирана криза на Онкологија токму од главното протеже на таа мафија, кој е во блиски релации со Венко Филипче.
Имено веледрогеријата Др. Пановски, е сопственост на таткото на Ирина Пановска, која Венко Филипче ја постави за директорка на Клиниката за Хематологија од 2022 година до сега земала неверојатни 35 милиони евра тендери само од Клиниката за онкологија и радиотерапија.
Годишно во просек оваа веледрогерија блиска до Венко Филипче од Онкологија земала над 12 милиони евра тендери.
Онкологија и државата се заложници на оваа веледрогерија со огромни профити, која креира вештачки кризи секоја година.
Венко Филипче јавно да излезе и да каже дали ја поддржува оваа веледрогерија во кризата која ја прави и дали тој стои зад истата.
Го повикуваме ЈО веднаш да постапи и отвори случај, а истовремено да каже до каде е со истрагите од случајот ‘Диво месо’’?
Ова се трговци со животи и души на луѓе и мора најостро да бидат санкционирани. Не смее да дозволиме оваа мафија на смртта да печали на грбот на народот, а особено не на болните од рак, кои секоја секунда живот повеќе им ја должат на лекарствата со кои оваа мафија тргува“, кажа Миле Лефков на прес-конференцијата.