Пописот спроведен во 2023 година покажува дека од вкупно 4,6 милиони граѓани на Албанија, во државата живеат само околу 2,4 милиони, и ова е една од причините за слабата излезност на последните локални избори на кои гласале околу 37% од вкупно запишаните 3,6 милиони гласачи.
Не само што граѓаните на Албанија се длабоко поврзани со својата земја, без разлика што со генерации живеат во странство, туку многумина од нив инвестираат во имот и бизниси или, пак, сонуваат еден ден да се вратат дома. Околу 10% од БДП-то на Албанија се должи на дознаките кои дијаспората ги испраќа од странство а кои се повисоки од светскиот просек кој изнесува 5,13%. Овој факт прави дијаспората да биде еден од најзначајните придонесувачи во економијата на државата и беше клучен аргумент кој го поддржуваше барањето да се овозможи гласање во странство.
Голем број граѓани на оваа земја кои живеат во Европа или Северна Америка не се во можност гласаат таму каде што се – и така тие немаат начин да го спроведат своето демократско право дома или во странство.
Уште од падот на комунистичкиот режим и масовното иселување на граѓаните во периодот на 1990-тите години, граѓаните на Албанија бараат да постои можност за гласање на дијаспората. Во 2020 година, пратениците гласаа за тоа на дијаспората да да ѝ се овозможи правото на глас без да биде неопходно таа да се враќа дома во државата, но тоа никогаш не беше спроведено. Во 2022 година, Уставниот суд одлучи дека Парламентот на Албанија дозволил гласање на дијаспората, но ова прашање никогаш не било дискутирано поради постоење на отворени проблеми помеѓу партиите. На почетокот на 2024-тата година, граѓаните на Албанија кои живеат во странство започнаа кампања наречена „Сакам да гласам 2025“ со цел ова решение да се спроведе во пракса.
Конечно, на 26 јули 2024 година, Парламентот на Албанија изгласа граѓаните на Албанија кои живеат во дијаспората да можат гласаат од странство на следните парламентарни избори. Во месец јануари оваа година, политичарите се согласија да го изменат Изборниот законик за да прецизираат дека дури и оние кои имаат истечени албански лични карти или пасоши ќе можат да гласаат и да го продолжат датумот на регистрирање за 10 дена. Гласачите сега имаат рок до 4 март да се регистрираат за гласање.
Како ќе функционира ова во пракса
Оние лица кои се надвор од Албанија можат да се регистрираат онлајн преку платформата за електронска регистрација на веб-страницата на Централната изборна комисија (ЦИК) или на официјалната мобилна апликација. Граѓаните треба да креираат сметка и да поднесат апликација за гласање.
За да можат да се регистрираат, тие најпрво треба да прикачат докази дека живеат во странство, на пример, потврда за сопственост на имот, договор за изнајмување, сметка за комунални услуги, банкарски документи или слично. Оваа документација, заедно со копија од нивниот албански пасош или лична карта, ќе бидат разгледани од ЦИК и барањето ќе биде одобрено или одбиено. Оние со право на глас ќе добијат гласачко ливче преку пошта кое ќе треба да се пополни и да се испрати назад во Албанија, при што сите трошоци ги покрива државата, а сето тоа треба да се заврши навреме за да може да се пребројат гласовите на 11 мај.
Во моментов додека го пишуваме овој текст, за гласање се пријавија повеќе од 250.000 граѓани на Албанија кои живеат надвор од земјата, а нивниот бројот и понатаму се зголемува. Досега се одбиени 86.414 барања а 3.804 се во постапка на разгледување. Оние кои ќе бидат одбиени поради техничките прашања ќе можат повторно да аплицираат без ограничување сè до истекот на крајниот рок за регистрација.
Најголем број на апликации пристигнале од Италија, Грција и Германија а просечната возраст на лицата е од 18 до 25 години.
Секако дека не е гарантирано дека сите ќе можат да го остварат правото на глас, а оние кои ќе можат да го направат тоа ќе треба да ги испратат своите гласачки ливчиња навремено и на правилен начин.
Албанија не е единствената земја со голема дијаспора која сака да гласа. На општите избори одржани на 9 февруари 2025 година на соседно Косово, на пример, гласаа 80% од регистрираните гласачи од дијаспората. Повеќе од 15.000 гласаа во дипломатските претставништва додека останатите гласаа преку пошта.
Во Македонија, околу 2.954 граѓани од дијаспората се пријавиле да гласаат на парламентарните и претседателските избори во 2024 година, но бидејќи прагот од 5.355 граѓани не бил исполнет, тие гласаа само за претседател на државата.
Во меѓувреме, во Србија граѓаните можат да гласаат на избирачките места поставени во оние држави кои имаат значително население со српско потекло.
Што ќе значи тоа за резултатите
Иако анкетите во Албанија покажуваат удобно водство за Социјалистичката партија, гласот на дијаспората не е можно да се измери. Во моментов, ниту една анкета не го оценува нејзиното гласачко расположение и тешко е да се добие претстава кој ја фаворизира која партија. Сите партии, дури и оние кои се помали и независни, се ангажираа во активности кои се одржуваат во САД, Обединетото Кралство, Италија и Грција, при што одржуваа големи митинзи и имаа дискусии со гласачите.
Гласањето се случува во период кој е особено тензичен за албанската политика. Владејачката партија осуди шест поранешни градоначалници и двајца поранешни министри, а други беа под истрага, при што еден поранешен вицепремиер е во бегство а градоначалникот на Тирана во затвор. Дополнително, ова ќе биде четврти мандат на владејачката партија, со што Еди Рама ќе биде вкупно 16 години на власт.
Во меѓувреме, опозициската ПД се подели на два дела – едниот предводен од Сали Бериша а другиот од Љуљзим Баша. Ова доведе до борба за власт во која Бериша излезе како победник, и тој допрва треба официјално да ги регистрира своите евроатлантски демократи како партија на овие избори. Сепак, Бериша беше во домашен притвор една година и тој е персона нон грата во САД. За него сè уште се води истрага за корупција.
Еден друг лидер на опозицијата, Илир Мета, инаку шеф на Партијата на слободата, е исто така во затвор додека е предмет на истрага за корупција.
Кои се другите опции на овие избори? Во игра се и помали партии како што се Нисма Турје, Левизја Баше, Шќипериа Бехет и Мундезија. Сепак, тие најверојатно нема да освојат пратенички места, бидејќи, според „Еуроњуз Албанија“, сите анкети се едноцифрени.
Еден од проблемите со кои се соочуват помалите партии се финансиите. Тие главно се потпираат на донации од дијаспората кои се плаќаат преку интернет. Недостатокот на финансиски средства влијае на нивната способност да се прикажат себеси на меѓународно ниво, при што Шќипериа Бехет и Мундезија имаат меѓународни состаноци.
Прашањето кое се поставува е дали главните партии се загрижени поради тоа што дијаспората гласа за помалите партии? Пратеникот на ПС Лавдрим Краши изјави дека, иако тие самите не се загрижени, тоа значи дека сепак постои одреден елемент на притисок да се работи уште повеќе за придобивање гласовите – нешто што, можеби, претходно не беше случај. Тој објасни дека дијаспората е надвор од традиционалната сфера на медиумско и партиско влијание и таа ќе носи поодмерени одлуки, па затоа партиите мора да ја зголемат својата улога за да ги придобијат овие гласачи.
Невозможноста да се анкетираат гласовите на дијаспората направи политичарите да бидат уште понервозни. Дијаспората има околу 250.000 гласови, што е доволно за да се формира или да се разбие некоја партија и целосно да се промени исходот и резултатот на изборите.
Алис Тејлор