сабота, 27 јули 2024
Иницијатива на градоначалникот на Битола

Лажно се пријавуваат каснувања од куче, Коњановски бара истрага од обвинителството

Сè поголемиот број на граѓани во Битола кои бараат пари за отштета поради каснување од бездомни кучиња и сомнежите дека во најголем број се работи за лажни пријави, го натераа градоначалникот Тони Коњановски да достави барање до битолското обвинителство за истрага. Тој бара да се вклучи и полицијата, а од лекарите на битолската болница да не наведуваат дијагноза „каснување од куче“, туку „рана“, а тоа потоа да биде предмет на докажување.

Објавено на

часот

Сподели

Со иницијативата до Основното јавно обвинителство градоначалникот бара обвинителството да спроведе соодветна постапка врз основа на која ќе се направи целокупна и опсежна анализа, но и истрага при што ќе бидат отстранети сите сомнежи кои постојат или ќе се утврди кривична одговорност против сите оние кои извршиле злоупотреба и го оштетиле буџетот на Општина Битола, а се стекнале со материјална корист за себеси на сметка на истиот.

„Иницијативата произлегува по укажувањата од страна на надлежните служби, но и правните застапници на Општина Битола, дека постои основан сомнеж за сторени злоупотреби од страна на сите вклучени субјекти во постапката во предметите за надомест на материјална и нематеријална штета предизвикана како резултат од напад на куче – скитник кои во изминатиот период се со зголемен број, а врз основа на што Општина Битола трпи сериозна материјална штета“, вели Коњановски.

Градоначалникот вели дека е известен дека постои голема база на предмети со ваков основ за надомест на материјална и нематеријална штета предизвикана од куче  скитник.

„Има сериозни индиции дека настанале неправилности и се извршиле злоупотреби, а притоа истите имаат правна разрешница, но голем број се незавршени. Стоиме на располагање на ваше барање да ги доставиме сите потребни списи од овие предмети, но и останата потребна документација на увид со цел успешно и непречено  завршување на постапката и истрагата“, вели градоначалникот во иницијативата до обвинителството.

Коњановски додава дека  правните застапници до градоначалникот и општинскиот Совет предлагаат изнаоѓање на можни начини за разрешување на проблемот со енормниот број на судски предмети за надомест на штета од каснувања на куче скитник.

„Во нивните предлози се наведува потребата од систематска соработка Клиничка болница – Битола со цел да се издејствува објективност во извештаите на докторите кои ги прегледуваат пациентите. Потребно е да се побара секој доктор во извештајот јасно да наведе дека анамнезата е исклучиво по кажување на самиот пациент, а дека тој како доктор не може да потврди дали раната е нанесена од животно. Сега случај е да се тврди дека е раната од куче и тоа од бездомно куче“, вели градоначалникот.

Тој во иницијативата наведува дека бара да не се поставува дијагноза W54 која значи рана од каснување од куче, туку дијагнозата да биде општа – рана, а тоа дали е од куче или воопшто од животно да биде предмет на докажување. Коњановски смета дека задолжително треба да се опише раната, нејзината големина, старотста на поврдата и други карактеристики.

Градоначалникот смета дека треба битолската полиција преку крим-техника да ја фотографира раната со текстуален опис.

„При секоја пријава да се бара податок за приближно точно време на настанот, како и точна локација на настанот, како би можело врз основа на таквите податоци да се  изврши проверка на самата локација со видео снимки од околни објекти или лица кои биле на тоа место. На ваков начин, лесно би се докажало дали воопшто се случил настан на самото место, а би се овоможила проверка на објективноста на описот на
раните на самиот доктор“, нагласува Коњановски и додава дека без соработка со лекарите и полицијата не може да се очекува реалност во судските постапки.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ