четврток, 26 декември 2024

Лажно се претставувал дека работи во АНБ и изнудил близу 200 илијади евра

Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека ги сторил кривичните дела изнуда и лажно претставување, соопштија утрово од Јавното обвинителство.

Објавено на

часот

Сподели

Според досегашните сознанија, во период од 14 декември 2023 до 5 април 2024 година, пријавениот лажно се претставувал како службено лице – вработен во Агенцијата за национална безбедност и со сериозни закани го присилил оштетениот да му даде пари, накит, автомобили и други добра во вкупен износ од околу 180.000 евра.

„Претставувајќи се како вработен во АНБ и посредник за исплата на долг, осомничениот на оштетениот 54-годишник, управител на фирма, му вршел притисоци со закани за неговиот и животот на неговото семејство, па во повеќе наврати му земал пари, три автомобили, два мобилни телефони, златни прстени и друг накит“, соопштија од Обвинителството.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, можност да ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците, како и веројатност да ги повтори делата. Судијата го прифати предлогот и определи притвор во траење од 30 дена.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ