сабота, 27 јули 2024

Лажете, му рече Тошковски на новинарот Салиу на прашањето дали имал физички контакт со полицајци

За време на давањето изјава по посетата на полицијата во Шуто Оризари што ја направи техничкиот министер Панче Тошковски, дојде до вербална расправија со новинарот Фуркан Салиу кој вчера беше уасен па ослободен за време на фудбалски меч во скопско Долно Коњари. Лажете, му рече министерот на новинарот кој на неговото прашање дали имало барем физички контакт меѓу Салиу и полицајците, одговори негативно.

Објавено на

часот

Сподели

Тошковски изнесе тврдење како се случило да биде приведен Фуркан Салиу на фудбалски меч од висок ризик каде дошло и до немири и нагласи дека според службените белешки двете службени лица (полицајците, н.з.) кажале дека имало физички напад.

„Во рамки на физичкото пресметување помеѓу навивачите е констатирано едно лице кое што потоа е приведено, кое што во повеќе наврати физички напаѓа припадници на другата навивачка група и притоа физички напаѓа и еден овластен полициски службеник кој го соборува потоа приведеното лице, а притоа при соборувањето на приведеното лице околу овластениот полициски службеник се присутни и други овластени полициски службеници припадници на интервентна полиција и на ЕБР, при што во моментот на приведување на ова лице кое што, напоменувам, на повеќе наврати физички удира и мава како по припадници на друга навивачка група, така и се бори со дел од полициските службеници. Во моментот на приведување на ова лице, друго лице кое е потоа приведено е во физички контакт, благо да кажам, според тоа што го видов од снимката. Се гледа од камерата како приоѓа одпозади на овластениот полициски службеники потоа друго овластено полициско лице приоѓа и го приведува ова лице на начин како што го приведува. Се надевам јавноста ќе има прилика да погледне и други снимки прибавени од МВР“, изјави Тошковски и додаде дека потоа е приведено и трето лице и дека сите тројца се однесени во полициска станица во Гази Баба за да дадат изјава.

Факт е дека вчера, во возило на „еден од приведените“ е пронајден пиштол за кој имал дозвола, но за што во најмала рака следува прекршочна пријава, додаде министерот.

Тој уште кажа дека во наредниот период ќе биде поднесена соодветна пријава до јавното обвинителство, „најмалку против две лица“.

„Никој нема право да нападне службено лице на полицијата без оглед на професијата, без оглед дали е новинар, доктор, министер, и никој нема право да нападне новинар“, рече Тошковски.

Негираше новинарот Фуркан Салиу дека така се одвивале настаните.

„А од снимките кои јас ги видов во најмала мера има спречување на службено лице во вршење на службена должност“, рече Тошковски.

Новинарот Салиу негираше дека нападнал полицајци, министерот го зараша:

„Дали имало барем физички контакт со полицајците“?

„Во ниту еден момент“, рече Салиу.

„Лажете господине, има други прашања?“, рече Тошковски свртувајќи се кон другите новинари кои снимаа изјава од него.

Откако не доби прашање од другите новинари, а Салиу продолжуваше да му зборува, Тошковски рече дека тој ќе види и други детали од снимките, а новинарот му кажа дека и тој како министер треба да ги види неговите снимки.

Салиу го праша Тошкоски: „По кој основ е отворено неговото возило и претресено без негово присуство“?

„Извршен е преглед“, одговори министерот.

„По кој основ?“, инсистираше новинарот.

„Преглед, а се што е преземено ќе биде детално испитано од страна на внатрешната контрола во МВР, верувајте ми“, рече Тошковски и нагласи дека зборува со факти.

„И јас зборувам со факти и со видеа. Дали добивте известување како е пронајден пиштолот“, запраша Салиу.

„Известен сум дека при преглед во вашето возило е најдено огнено оружје. Пиштол се чува дома, а не во возило и да не се носи на фудбалски меч. Таквото оружје во никој случај не може да биде во рамки на возило кое што како такво било на предметното место во рамки на селото Средно Коњари, односно точно се знае согласно закон како се поседува огнено оружје, како се транспортира од точка А до точка Б, како се носи истото, дали со полн шаржер, дали со празен шаржер“, одговори Тошковски и повторно ги праша другите новинари дали имаат прашања привршувајќи го давањето изјава.

Конечно, Салиу го запраша Тошковски што ќе се случи доколку се потврди дека тој не нападнал и немал физички контакт кон  полицајците.

„Ќе се извинам. Но јас друго видов на камерите“, одговори министерот.

Салиу и синоќа, по излегувањето од полициска станица каде беше задржан неколку часа, негираше дека нападнал полициски службеник. Тој беше категоричен дека е уапсен затоа што снимал додека полицијата тепала момче кои со ништо не учествуваше во насилството меѓу навивачите на двете екипи кои играа фудбал во селото.

Фуркан Салиу нагласи дека во еден момент полицискиот командант побарал од него да ги смири навивачки групи затоа што ги познава, а додаде дека на мечот дошол да присуствува и да снима затоа што знаел дека веројатно ќе дојде до тепачка.

За пиштолот изјави дека го поседува со дозвола, како што има и политичари кои поседуваат оружје, но рече дека пиштолот бил расклопен во автомобилот и дека не го носел со себе.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ