среда, 15 јануари 2025

Лажен „Бред Пит“ измами Французинка за 830.000 евра

Французинка, која била измамена за 830.000 евра од измамници што се претставувале како глумецот Бред Пит, се соочи со огромен потсмев, поради што француската телевизија ТФ1 го повлече прилогот за неа.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Емисијата, која се емитуваше во неделата, го сврте вниманието кон дизајнерката на ентериери Ен (53), која година и пол мислела дека е во врска со Пит, вели Би-би-си.

Оттогаш таа за една популарна француска емисија на Јутјуб рече дека не е „луда или морон“: „Тукушто ме изиграа, признавам и затоа излегов во јавноста, бидејќи не сум единствената“.

Претставникот на Пит за американскиот весник Ентертејнмент викли рече дека е „страшно што измамниците ја искористуваат силната поврзаност на обожавателите со познати личности“ и дека луѓето не треба да одговараат на непознати контакти на интернет, „особено од актери што не се присутни на социјалните мрежи“.

Стотици корисници на социјалните мрежи ја исмеваа Ен, која рече дека ја загубила својата животна заштеда и три пати се обидела да си го одземе животот откако измамата излезе на виделина.

Фото: социјални мрежи

Нетфликс Франција напиша објава на Икс во која се рекламираат „четири филма со Бред Пит (навистина)“, додека, во сега избришана објава, Тулуз ФК вели: „Здраво Ен, Бред ни кажа дека ќе биде на стадионот во среда. .. а ти?“

Потоа клубот се извини за објавата.

Во вторникот, ТФ1 рече дека го повлекле сегментот за Ен откако нејзиното сведочење предизвикало „бран вознемирување“ – иако емисијата сè уште може да се најде на интернет.

Ен вели дека нејзините маки почнале кога се појавила на Инстаграм во февруари 2023 година, кога сè уште била во брак со богат претприемач.

Веднаш ја контактирал некој што рекол дека е мајката на Пит, Џејн Ета, која ѝ кажала на Ен дека на нејзиниот син „му е потребна жена како неа“.

Некој што се тврдел дека е Пит стапил во контакт следниот ден, што го вклучило алармот кај Ен. „Но како некој што не е многу навикнат на социјалните мрежи, навистина не знаев што ми се случува“, вели таа.

Во еден момент, „Бред Пит“ рекол дека се обидел да ѝ испрати луксузни подароци, но дека не може да плати царина на нив бидејќи неговите банкарски сметки се замрзнати поради бракоразводната постапка со актерката Анџелина Џоли, по што Ен им префрлила 9.000 евра на измамниците.

„Како будала, платив… Секогаш кога се сомневав во него, тој успеваше да ми ги растера сомнежите“, вели таа.

Сумите почнале да се зголемуваат кога лажниот Пит ѝ кажал на Ен дека му треба готовина за да плати за лекување рак на бубрег, испраќајќи ѝ повеќе фотографии од Бред Пит во болнички кревет генерирани со вештачка интелигенција. „Ги побарав тие фотографии на интернет, но не можев да ги најдам, па мислев дека тоа значи дека тој ги направил тие селфиња само за мене“, вели таа.

Во меѓувреме, Ен и нејзиниот сопруг се развеле, а таа добила 775.000 евра – и сето тоа отишло кај измамниците.

„Си реков дека можеби му спасувам живот на маж“, вели Ен, која и самата преживеала рак.

Ќерката на Ен, која сега има 22 години, рекла за ТФ1 дека повеќе од една година се обидувала „да ја вразуми мајка си“, но дека мајка ѝ била премногу возбудена. „Болно беше да се гледа колку е наивна“, рече таа.

Кога во жолтите списанија се појавија слики на кои е прикажан вистинскиот Бред Пит со неговата нова девојка Инес де Рамон, што ги разбудило сомнежите кај Ен, измамниците ѝ испратиле лажен прилог во кој водител генериран од вештачка интелигенција зборува за „ексклузивната врска на Пит со една посебна личност… која се вика Ен“.

Кога вистинскиот Бред Пит и Инес де Рамон ја официјализираа својата врска во јуни 2024 година, Ен конечно решила да стави крај.

Откако измамниците се обиделе да извлечат повеќе пари од неа под маската на „специјалниот агент на ФБИ Џон Смит“, Ен контактирала со полицијата. Сега е во тек истрага.

Ен вели дека сега живее со пријателка: „Целиот мој живот е мала соба со неколку кутии. Тоа е сѐ што ми остана“.

Додека многу корисници на интернет упорно ја исмејуваат Ен, неколкумина застанаа на нејзината страна.

„Го разбирам смешниот ефект, но зборуваме за жена во 50-ти години, која била измамена од дипфејкови и вештачка интелигенција што вашите родители и баби и дедовци не би успеале да ги забележат“, гласи една популарна објава на Икс.

Еден текст во весникот Либерасион вели дека Ен била „свиркач“: „Животот денес е поплочен со сајбер-стапици… а напредокот на вештачката интелигенција само ќе го влоши ова сценарио“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ