Македонија со убедливи 39-34 го совлада Катар, селекторот е горд на своите момци, но има и одредени замерки.
„Им честитам на момците за тоа што го даваат за Македонија. Тешко е затоа што одигравме петти натпревар против силен ривал. Секоја чест за нив. Веруваме во тоа што го работиме, свесен сум дека имаме квалитет, веруваме во системот и стратегијата. Се гледа и дека имаме неискуство. Презадоволен сум од победата, но во исто време и незадоволен затоа што против поквалитетен ривал не би победиле. Штета што не се тука навивачите во голем број, како на почетокот, но оваа победа им ја посветуваме на нив“, кажа Лазаров.
Следниот противник на Македонија е селекцијата на Франција, мечот го играме во сабота со почеток од 20:30 часот.
„Имаме некоја идеја за дуелот против Франција, иако тие се фаворити за злато. Играат во страшен ритам и даваат голови од далечина, имаат ѕвезди кои играат во големи клубови. Немаме што да изгубиме, ќе се обидеме да ја поставиме играта на друг начин, зашто вака би било многу тешко. Очекувам во следните месеци голем дел од помладите ракометари да добијат поголема минутажа“, вели селекторот.