сабота, 27 јули 2024

Лазаров: Секогаш ќе шутирам, никогаш не се кријам, ама вечерва – судиите нѐ украдоа

Објавено на

часот

Сподели

Слободно можам да кажам дека судиите нѐ украдоа. Тешко може да се победи оваа Германија кога тие имаат вакво судење. Германија сака да оди на олимпијада, таа селекција освојувала медали на големи првенства. Ние растеме како селекција, од 2009 година сме многу напреднати. Премногу се оптоваривме потсвесно за тоа што ќе ни прават судиите, но знаевме. Германија имаше напади од по три минути, тие не креваа рака за пасивен напад. Згора на тоа, се одбија „сто“ топки кај нив директно во раце. Игравме на високо ниво, со сите големи селекции можеме да се носиме ако продолжиме на овој начин. Но само со коректно судење, рече македонскиот капитен, кој имаше седум постигнати гола од дури 17 обиди.

Заслуживме да победиме, вели Кире Лазаров

Боде во очи тоа дека последните седум шута му ги одбранија.

„ Не знам зошто тоа го потенцирате. Да, промашував, но во жарот на борбата сакав да дадам гол. Никогаш нема да ги оставам на цедило моите колеги. Јас имам срце и храброст и никогаш нема да се повлечам, туку секогаш ќе шутирам. Таков играч сум јас, не се кријам никогаш“, рече Лазаров.

Според него, ова е најдобриот наш меч откако постои оваа селекција.

„Одигравме на високо ниво против големата Германија и слободно можам да кажам дека заслуживме победа. Многу сме разочарани. Го одигравме најдобриот меч откако постои оваа селекција. Ние сме мала држава, ја немаме потребната поддршка, јас не сакам да се вадам на споредни работи, но очекувам покоректно судење на дуелот со Чешка. Денеска заслуживме да победиме. Сега ни останува да преспиеме и да се одмориме. Денеска можевме многу да добиеме, но поразот ништо нема да значи ако победиме в четврток. Ако победиме со Чешка, овој пораз може и да не значи ништо. Горд сум што на овој начин ѝ париравме на големата Германија, да бевме поприсебни на крајот, ќе победевме. Но тоа е спортот“, заврши Лазаров.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ