петок, 18 октомври 2024

Лазаров: Оптимист сум, мислам дека може да бидеме конкурентни против Германија

Селекторот на македонската ракометна репрезентација, Кире Лазаров вели дека во дуелот со Германците мора да играме повеќе со контакти со цел да ја спречиме нивната игра.

Објавено на

часот

Сподели

Германија ја растури Швајцарија во првото коло, прими само 14 голови, додека ние доживеавме убедлив пораз од Франција. Домаќинот ќе биде голем фаворит на утрешниот меч, но Кире Лазаров размислува оптимистички.

„По Франција, играме со уште една светска ракометна велесила. Германците покажаа на првиот натпревар дека се сериозни кандидати најмалку за полуфинале. Веројатно никој не веруваше дека ќе ја победат Швајцарија со 13 разлика, но уште еднаш се покажа дека и со недостаток на квалитет, со голем ентузијазам и борба, може да се победи, дури и со поголема разлика“, вели Лазаров.

„Очекувам против нас една мотивирана Германија, Берлин има ракометна публика и тоа ќе биде мотив за ракометарите да се покажат во што подобро издание, без разлика на името на противникот. Ние против Франција одигравме квалитетни 40-тина минути. Не треба да бидеме задоволни од тоа, но треба да ги задржиме добрите работи, а да ги намалиме техничките грешки и секако да одиме на контакт игра, на повеќе прекини со што ќе ја смириме нивната игра“.

„Свесни сме дека нѐ очекува еден цврст натпревар, но размислуваме позитивно, особено јас сум оптимист дека можеме да парираме и да бидеме компетитивни. Треба да се подготвиме индивидуално и ментално, играчите да го издржат притисокот од трибините во текот на сите 60 минути, а тоа не е лесно. Ова е големо искуство за нашите играчи, јас донекаде ги разбирам и покрај моите и барањата на целата нација дека сакаме добри резултати против фаворитите. Ние веруваме, а ќе видиме како сето тоа ќе изгледа на терен. Имаме три дена пауза, одморивме и ментално и физички, ќе се обидеме да играме добар ракомет и да уживаме на теренот“.

Натпреварот меѓу Германија и Македонија се игра утре со почеток од 20:30 часот.

Од Берлин за МКД.мк
Ристе Ѓорѓиевски

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ