сабота, 27 јули 2024

Лазаров ги собра репрезентативците за натпреварите со Грција

Ракометната репрезентација на Македонија денеска го имаше првиот собир пред пријателските натпревари против Грција кои се играат во петок и сабота во Солун.
 

Објавено на

часот

Сподели

Селекторот Кире Лазаров направи малку промени во однос на составите од претходните мечеви. Пикерот на Вардар, Милан Лазаревски е меѓу повиканите, а повратник е Никола Костески кој е на местото од Гоце Георгиевски. На денешниот собир недостасуваа Никола Митревски од Порто и Филип Кузмановски од Вецлар кои поради клупските обврски ќе задоцнат.

„Повикав 22 ракометари за двата натпревара во ЕХФ-неделата во која ќе немаме официјален меч, туку ќе играме пријателски дуели и ќе ја искористиме максимално оваа недела и за тренинзи. Пред нас имаме сериозен противник кој е во подем, тоа е репрезентацијата на Грција која што е учесник на Европското првенство (ЕП). Мислам дека ракометарите како Милан Лазаревски го заслужува повикот, тој покажа одлични игри на квалитетни натпревари од квалификациите за Европската лига, како и во домашното првенство. Тука е и постариот Костески, кој е најдобар стрелец во чешкото првенство, а знаеме дека Чешка е ракометна нација и мислам дека заслужува шанса на местото на легендарниот Гоце Георгиевски. Сакам да тестирам уште неколку ракометари, затоа списокот е подолг, но ќе биде скратен на 17-18 или 19 идеални ракометари за ЕП“, истакна Лазаров.

„Ќе се обидеме да ги искористиме овие денови максимално, да се подготвиме за тоа што нè очекува на Европското првенство. Ни значи секој ден, секој тренинг, ќе се обидеме да дадеме важност на воигрување, на нашиот напад, дефанзива и полу-контра. Се надевам дека ЕХФ-неделата е добредојдена за да видиме до каде сме. Овие се ракометарите со кои располагаме, ние сме мала земја, мислам дека во клубовите во иднина ќе добиваат поголема улога. Но што е, тука е, ќе ја видиме моменталната ситуација и ќе се обидеме до 21 декември кога ќе го имаме првиот собир за ЕП со нашиот кондиционен и медицински тим да им дадеме дополнителни обврски за да ја надополнат минутажата која им недостига“.

Македонија ќе работи во Скопје, во салата „Автокоманда“ до четврток, а почнувајќи од утре ќе биде комплетна. В четрток ќе отпатуваат за Солун, а двете пријателски средби се в петок и сабота.
 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ