Македонија утре (среда) го почнува настапот на Светското првенство, прв противник ни е селекцијата на Унгарија, натпреварот во Вараждин се игра со почеток од 20:30 часот.
„Унгарија многу доби со доаѓањето Чема Родригез како селектор и носењето на шпански стручен штаб, напредуваат се повеќе од година во година, впрочем резултатите говорат за тоа, беа петти на последното ЕП, а учествуваа и на последните Олимписки Игри. Не би можел да кажам дека имаат слаба точка бидејќи говориме за исклучително комплетна репрезентација што има голем број врвни играчи на сите позиции. Можеме да се надеваме дека тие ќе немаат свој ден, а ние мораме да играме најдобро што знаеме и ако ни се укаже шанса за изненадување, да ја искористиме“, рече Лазаров на денешната средба со новинарите во Вараждин.
„Ние одработевме квалитетно во овие подготовки, секоја од трите фази (првата во Стара Пазова, втората во Скопје и оваа третата во Хрватска) послужија за она што за што беа замислени, мислам дека растевме како репрезентација и подготвени го дочекуваме овој мундијал. Секој од натпреварите, без разлика на конечните резултати, ни послужи да одработиме на одреден дел од нашата тактика и како селектор сум задоволен од она што го видов. Многу ме израдува покажаниот карактер на тој дуел со Хрватска, фактот дека се боревме од првата до последната минута. Ние сме млада репрезентација, но тоа е начинот на кој треба да играме и да го негуваме и на овој шампионат, но и во иднина. Хрватите со квалитетот се приближни на нашиот утрешен прв ривал и очекувам слично издание и на тој натпревар, од аспект на храброст и борбеност во текот на сите 60 минути“.