среда, 23 октомври 2024

Лавров: Украина не можела да го саботира Северен тек без поддршка од САД

Без поддршка од Соединетите Американски Држави Украинците не можеле да ја извршат саботажата на рускиот гасовод Северен тек во Балтичко Море, изјави денес рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Дури и ако Украинците учествувале во ова, јасно е дека не го можеле сами. Јасно е дека за изведување таков напад наредбата морала да стигне од највисоко ниво, и тоа од навистина највисоко ниво, бидејќи Западот е нормално – Вашингтон“, кажа Лавров, а пренесува ТАСС.

Тој додаде дека Германија мора да одговори на сите прашања кои ги поставува Русија во врска со нападите од 2022 година на гасоводите Северен тек 1 и 2.

„Прво, мора да престанат категорично да одбиваат да ги изнесат фактите кои не можеле да не ги откријат. Кога некои од информациите кои ги бараме не се даваат на официјалните канали, туку се појавуваат во новински написи, тоа наведува на помисла дека сè е однапред испланирано“, кажа Лавров.

Германија во јуни издаде европски налог за апсење на украински инструктор за нуркање, затоа што поради сознанијата на истрагата бил дел од тимот одговорен за експлозијата на гасоводот, објавија пред пет дена германските медиуми.

Германската истрага го сомничи Володимир З. дека заедно со уште тројца инструктори по нуркање, во септември 2022 испловил со брод од Росток, по што нурнале крај гасоводот Северен тек и го подметнале експлозивот.

Полските полициски власти кои наводно се обиделе да го уапсат Володимир З. во Прушков крај Варшава, не го нашле, а било утврдено дека поради грешка на германските службеници (кои наводно со налогот не испратиле соодветна нота) тој ја поминал границата на Полска со Украина, објавија на 14 август германските медиуми.

Ден подоцна Волстрит џурнал објави дека украинскиот претседател Володимир Зеленски првично го одобрил планот за кревање во воздух на гасоводот Северен тек за потоа, на барање на ЦИА, да се обиде да го отповика, но без успех.

Експлозиите на двата крака на гасоводот преку кои Русија ја снабдуваше Европа со гас се случија на 26 септември 2022 година.

Лавров денес изјави дека „целата таа операција е замислена некако да го одврати вниманието и во Германија, и во целиот свет, од вистинските извршители, виновници и крајни корисници на овој терористички акт“.

„Ќе инсистираме на транспарентна меѓународна истрага“, истакна шефот на руската дипломатија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ