сабота, 27 јули 2024

Лавров е во посета на Кина за да разговара за војната во Украина

Кина и Русија во февруари 2022 година прогласија партнерство „без граници“, кога Путин го посети Пекинг само неколку дена пред да ја почне својата инвазија на Украина.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во понеделник и вторник ќе ја посети Кина за да разговара со тамошните власти за војната во Украина и за продлабочување на партнерството меѓу Москва и Пекинг, пишува Ројтерс.

Разговорите меѓу Лавров и кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји, кој го покани рускиот министер, ќе ја опфатат билатералната соработка, како и „жешките теми“ како што се кризата во Украина и азиско-пацифичкиот регион, соопшти руското Министерство за надворешни работи.

Ројтерс минатиот месец објави дека рускиот претседател Владимир Путин во мај ќе отпатува во Кина на разговори со кинескиот претседател Си Џинпинг, што би можело да биде прво патување во странство на шефот на Кремљ во неговиот нов претседателски мандат.

Кина и Русија во февруари 2022 година прогласија партнерство „без граници“, кога Путин го посети Пекинг само неколку дена пред да ја почне својата инвазија на Украина.

САД ја сметаат Кина за најголем конкурент, а Русија за најголема закана. Американскиот претседател Џо Бајден тврди дека овој век ќе биде дефиниран со егзистенцијалниот натпревар меѓу демократиите и автократиите.

Путин и Си имаат приближно сличен светоглед. Сметаат дека Западот е декадентен и слабее.

Трговијата меѓу Кина и Русија достигна рекордни 240,1 милијарди долари во 2023 година, што е за 26,3 отсто повеќе од претходната година, покажуваат податоците на кинеската царина.

Кинеските испораки во Русија се зголемија за 46,9 отсто во 2023 година, додека увозот од Русија се зголеми за 13 отсто.

Трговијата меѓу Кина и САД во 2023 година падна за 11,6 отсто на 664,5 милијарди долари, според податоците на кинеската царина.

Една година по почетокот на војната, во 2023 година, Кина објави документ од 12 точки за решавање на украинската криза.

Русија рече дека позицијата на Кина е разумна.

Во јануари, Швајцарија се согласи да одржи мировен самит по барање на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој претстави мировна формула со која Русија би се повлекла од целата украинска територија.

Ројтерс во февруари објави дека САД, по контактите меѓу посредниците, го отфрлиле предлогот на Путин за прекин на огнот во Украина со кој конфликтот би бил замрзнат.

Москва вели дека предлозите на Зеленски се сведуваат на смешен ултиматум и дека Западот го искористил предложениот состанок во Швајцарија за да добие поддршка од Украина од „глобалниот југ“.

Русија вели дека секој мир во Украина би морал да ја прифати реалноста на руската контрола над нешто помалку од една петтина од Украина и да вклучи поширок договор за европската безбедност.

Украина вели дека нема да запре додека последниот руски војник не биде протеран од нејзина територија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ