сабота, 27 јули 2024

Лавров: Целта на Западот е да ги скрши Србите, тоа го потврдува и резолуцијата за Сребреница

Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров изјави дека целта на Западот е да ги скрши Србите, што според него се потврдува и со усвојувањето на резолуцијата за Сребреница во Генералното собрание на Обединетите нации.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Амбицијата да се скршат Србите сè уште постои. Пред десет години тие се обидоа да донесат таква резолуција во Советот за безбедност на ОН. Ние ставивме вето“, рече Лавров во интервју за бањалучката Алтернативна телевизија (АТВ).

Тој оцени дека „е невозможно да се објасни од што се раководат Европејците во практична смисла кога ја форсираат оваа идеја, освен дека тоа го прават затоа што мислат дека Србите се премногу своеглави“.

„Србите се премногу независни во своето однесување, Србите не се потчинуваат на барањата да се приклучат кон санкциите против Русија, Србите не сакаат да ја признаат независноста на Косово, тие не сакаат Косово да биде членка на меѓународните организации“, додаде шефот на руската дипломатија.

Според него, сето тоа сега е де факто ултиматум од Западот до официјален Белград.

Наведувајќи дека српскиот претседател Александар Вучиќ неодамна ја потврди европската ориентација на државната политика, Лавров оцени дека од Брисел му било кажано дека доколку Србија сака да стане членка на ЕУ, ќе мора да го признае Косово и да се приклучи во санкциите против Русија, бидејќи „членството во ЕУ автоматски подразбира борба против Русија“.

Лавров ја нарече срамна одлуката на Парламентарното собрание на Советот на Европа за прием на Косово во Советот на Европа како полноправна членка, додавајќи дека западните земји ја оправдуваат со наведување дека Косово постигнало забележителен напредок во борбата против корупцијата и воспоставило ефикасен правосуден систем.

„Но сите знаат дека Косово е територија на целосно беззаконие“, нагласи шефот на руската дипломатија.

Според него, „на Косово нема никаква демократија, тоа е територија на организиран криминал и територија на етничко чистење во однос на Србите“.

Лавров оцени дека (на Косово) „го искоренуваат православието и тоа му се допаѓа на Западот“, додавајќи дека „Западот сака да му нанесе непоправлива штета на православието и православниот свет да биде под водство на истанбулскиот патријарх, кој е под директна команда на Соединетите Држави“.

Во исто време, рече министерот за надворешни работи на Русија, во Босна и Херцеговина (БиХ) претседателот на Република Српска (РС) Милорад Додик е „прикажан како главен негативец, кој наводно го урива Дејтон, иако тој со својот тим е единствениот во Босна што се бори за принципите на Дејтон“.

Според него, „самоименуваниот германски висок претставник (Кристијан Шмит), кој е нелегитимен, бидејќи не беше потврден од Советот за безбедност, на секој начин се обидува да ја дискредитира РС и се залага за став за унитаризација на БиХ“.

„Ова го прават луѓето што одвреме-навреме нѐ обвинуваат нас и други земји за прекршување на Повелбата на ОН, за прекршување на резолуциите на Советот за безбедност. А она што тие сега го туркаат како дневна агенда за БиХ директно ја поткопува резолуцијата на Советот за безбедност на ОН“, заклучи Лавров.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ