„Во декемвриските контролни активности, а поради констатирани прекршоци, односно недостатоци, од сообраќај биле исклучени 55 возила, од кои 42 поради истечена регистрација до и над 30 дена и 13 поради утврдена техничка неисправност. Во декември, исто така, од сообраќај биле исклучени и 224 возачи, од кои 130 управувале без возачка дозвола, 50 под дејство на алкохол, 30 возачи-почетници кои не се придржувале на законските ограничувања за оваа категорија возачи, 11 со важечка забрана за управување и 3 со несоодветна категорија“, информира Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.
Во последниот месец од 2023 година времено биле одземени три возила за истечена регистрација повеќе од шест месеци и едно за бучавост, 71 возачка и 33 сообраќајни дозволи.
„Во декември минатата година вкупно биле изречени 542 мерки за несоодветна брзина според условите на патот, односно за пребрзо возење, најчестиот прекршок и лани во поширокиот Полошки регион, 28 мерки за недавање првенство на минување, 26 за непрописно престигнување и друго“, вели Јосифоски.
Тетовската „пајак-служба“ вкупно подигнала 197 погрешно, односно непрописно паркирани возила, најмногу во централното подрачје на Тетово, каде е и најголема вкупната сообраќајна динамика и фреквенција на возила и пешаци.