четврток, 9 јануари 2025

Лани цените пораснале за скоро четири проценти, премиерот вели ако има потреба ќе се интервенира

Трошоците на животот во 2024 година, во однос на 2023 година, бележат пораст од 3,5  отсто, а цените на мало од 3.8 отсто, соопшти Државниот завод за статистика (ДЗС). Во декември 2024, пак, во споредба со истиот месец од 2023 година, трошоците на живот се зголемени за 4.4 отсто, а цените на мало за 4.3 отсто. Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека цените на прехранбените производи се следат и ако е потребно ќе се интервенира со нивно ограничување.

Објавено на

часот

Сподели

Движењето на индексот на трошоците на животот во 2024 година било различно кај одделни групи на потрошувачката.

Пораст на индексите е забележан во сите групи, ресторани и хотели за 9.9 отсто, алкохолни пијалаци, тутун и наркотици за 7.6 отсто, здравје за 5.3 отсто, разновидни стоки и услуги за 5.1 отсто, рекреација и култура за 4.9 отсто, мебел, покуќнина и
одржување на домаќинствата за 3.8 отсто, облека и обувки за 3.1 отсто, комуникации, храна и безалкохолни пијалаци за 2.9 отсто, транспорт, домување, вода, електрика, гас и други горива за 1.4 отсто и образование за 0.2 отсто.

Движењето на индексот на цените на мало во 2024 година, исто така, било различно кај одделни групи производи.

Пораст на индексите е забележан во сите групи, земјоделски производи за 7.1 отсто, услуги за 5.0 отсто, пијалоци за 4.0 отсто, индустриско-прехранбени производи за 3.5 отсто, индустриско-непрехранбени производи и тутун за 2.1 отсто.

Инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на животот во декември 2024 година, во однос на ноември 2024 година, изнесуваше 0.3 отсто. Зголемувањето на инфлацијата во декември 2024 година, во однос на ноември 2024 година, е резултат на зголемувањето на трошоците на животот во следните групи, транспорт за 4.8 отсто, рекреација и култура за 1.7 отсто, ресторани и хотели за 0.4 отсто, облека и обувки за 0.2 отсто, разновидни стоки и услуги за 0.1 отсто.

Во декември 2024 година, во однос на ноември 2024 година, намалување на трошоците на животот е забележано во следните групи, комуникации за 0.4 отсто, храна и безалкохолни пијалаци за 0.3 отсто, мебел, покуќнина и одржување на
домаќинствата за 0.2 отсто.

Трошоците на животот во групите, алкохолни пијалаци, тутун и наркотици, домување, вода, електрика, гас и други горива, здравје и образование остануваат на исто ниво како и во претходниот месец.

Цените на мало во декември 2024 година во однос на ноември 2024 година бележат раст од 1.2 отсто, објави ДЗС.

Цените на прехранбените производи се следат и ако е потребно ќе интервенираме со нивно ограничување иако тоа не сакаме да го сториме, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски. Тој оцени дека 2024-та ќе ја завршиме со 3,5 отсто инфлација, а годинава, како што напомена, треба да биде добра на економски план.

Одговорајќи на новинарски прашања, Мицкоски, во однос на цените на производите, потсети и дека во земјава не беше поскапена струјата како во некои од државите на еврозоната каде поскапувањето достигна 15 до 20 отсто, што, нагласи, влијае врз цените на крајните производи.

„Полека, но сигурно во втората половина на декември се стабилизираа цените на основните производи кои дел од трговците вештачки ги поткренаа што претставуваше голем шок и удар за граѓаните. Преку Инспекторатот внимателно ја следиме состојбата и ќе интервенираме ако е потреебно, а можеме да интевренираме веднаш со ограничување на цените, но сакаме да не го употребиме тој инструмент. За разлика од еврозноата, каде поскапувањето на струјата беше 15 – 20 отсто во некои држави, ние не ја зголемивме цената на електричната енергија која е значаен инпут и влијае врз цената на чинење на готовиот производ“, истакна Мицкоски по посетата на општина Штип.

Премиерот напомена дека се преземаат сите мерки за стандардот на граѓаните да биде квалитетен, а истовремено, истакна, и платите растат.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ