среда, 23 октомври 2024

Лајка: Кучиња од други градови се истовараат во Скопје, пријавете кај нас

Скопското претпријатие за згрижување и третман на бездомни кучиња, Лајка, алармира дека од други градови во Скопје се истовараат бездомни кучиња, дел од нив се големи и опасни видови и ги повикува граѓаните да пријават вакви случаи, по можност со фотографии и други детали.

Објавено на

часот

Сподели

„Повторно укажуваме дека Скопје се соочува со неприроден прилив на бездомни кучиња на одредени локации, локации каде имаме прецизен увид на постоечката популација на улица која е стерилизирана и повеќе од очигледно е дека станува збор за организирано дислоцирање на кучиња. Неретко станува збор за големи раси на кучиња. Голем дел од нив се недоверливи и ова не е карактеристично за кучиња од градска средина. Овој наплив логистички е речиси невозможно да го направи поединец. За ова сведочат граѓани“, велат од Лајка.

Оттаму цитираат граѓанин од Аеродром кој вели дека со соседите добро ги познаваат бездомните кучиња во населбата, но дека сега има и кучиња кои се тука донесени.

„Ги знаеме убаво кучињата во нашата населба кои немаат сопственици, тоа се локално чувани миленици кои редовно ги храниме, имаат и свои куќарки. Пред неколку дена забележавме група од четири – пет кучиња без обетка на увото. Едното беше повредено, откако го однесовме на ветеринар да го прегледа, тој ни кажа дека станува збор за куче донесено од друг град“, вели граѓанинот нагласувајќи дека ветеринарот тоа го заклучил според чипот што го имало кучето.

Жител на Лисиче споделил дека бил сведок на истоварање на околу дваесетина кучиња од комбе со кумановски регистерски таблички во темните улички зад средното училиште СУГС „Владо Тасевски“, велат од Лајка.

„Упатуваме апел до граѓаните доколку видат активности од ваков тип, дислокација на кучиња, по можност да го документираат истото со фотографии, пријават или да ни се обратат за потребна помош. Воедно е неопходно институциите и општините да го покренат ова прашање, воспостават контролни механизми за превенција и дејствување. Не може да има решение на проблемот доколку не се превенира човечката неодговорност која е клучен фактор и доколку во град Скопје секојдневно наидуваме на нови репродуктивно способни единки, исфрлени по улиците“, реагираат од ЈП Лајка.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ