вторник, 22 октомври 2024

Лајчак: Општествата на Косово и во Србија не се спремни за нормализација

Претставникот на Европската Унија за дијалогот на Белград и Приштина Мирослав Лајчак денес кажа дека постои ризик од дестабилизација на Западен Балкан доколку страните не се вклучат во дијалогот и продолжат да преземаат некоординирани и нагли акции и оцени дека општествата на Косово и во Србија не се спремни за нормализација.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во интервју за Радио слободна Европа на албански призна дека не е доволно направено на имплементацијата на Охридскиот договор на двете страни минатата година, но дека подобар договор не е можно да се постигне и дека двете страни мора да сфатат дека напредокот во дијалогот е длабоко врзан за нивниот пат кон Европската Унија.

„Ако мене ме прашувате, проблемот е што двете општества (на Косово и во Србија) не се спремни за нормализација“, истакна Лајчак.

На прашањето како треба да заврши дијалогот, дури и ако треба да вклучи меѓусебно признавање, тој кажа дека страните треба да се изјаснат за тој аспект.

„Дијалогот е клучен за Косово и за Србија, ако се сериозни околу своите европски аспирации, бидејќи Европската Унија многу јасно стави до знаење дека пред сериозно да се разгледаат за прием мора да ги нормализираат односите. Значи, нема начин ова да се заобиколи. Тоа е едно нешто“, кажа словачкиот дипломат.

Потсети дека Брисел е посредник во тој процес, „но процесот е во сопственост на двете страни, Косово и Србија“.

„Даваме сè од себе за да им помогнеме да ги нормализираат односите, но морам да кажам дека брзината на процесот и исходот на процесот не зависат од Европската Унија, туку од страните“, додаде Лајчак.

Тој истакна дека дијалогот треба да се заврши со правно обврзувачки договор.

„Во својата сегашна улога, можам да го користам само официјалниот наратив на Европската Унија, дека дијалогот мора да се заврши со правно обврзувачки договор за нормализација на односите на Косово и Србија со кој би се решиле сите преостанати прашања и би се отворил патот за европска иднина“, заклучи Лајчак.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ