четврток, 16 јануари 2025

Лафчиски на Конференцијата на Воениот комитет на НАТО за придонесот на АРМ во мисиите и операциите на Алијансата

Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, вчера и денеска учествува на Конференцијата на Воениот комитет (ВК) на НАТО, која се одржува во Брисел, Кралството Белгија.

Објавено на

часот

Сподели

. На Конференцијата учествуваат началниците на генералштабовите на земјите членки на НАТО и на земјите партнери на НАТО, како и командантите на стратегиските команди на НАТО, командантот на Врховната сојузничка команда за операции, генерал Кристофер Каволи и командантот на Врховна сојузничката команда за трансформација, адмирал Пјер Вандиер, информираат од ГШ на Армијата.

На отворањето на конференцијата пред началниците на генералштабовите се обратил генералниот секретар на НАТО, Марк Руте. Конференцијата ја водел претседавачот на ВК, адмирал Роб Бауер, кој по завршување на конференцијата ја предава должноста на адмирал Џузепе Каво Драгоне.

„Фокусот на конференцијата е на натамошно зајакнување на одвраќањето и одбраната на Алијансата, зајакнување на соработката со партнерите, како и продолжување на поддршката за Украина. Генералот Лафчиски активно учествуваше во дискусиите за прашањата поврзани со глобалните безбедносни предизвици, подготвеноста на Алијансата за одвраќање и одбрана, интероперабилноста, заканите, ризиците и предизвиците, како и соработката со земјите партнери. Во неговото излагање ја истакна нашата посветеност за исполнување на целите на способности, давање на придонес во мисиите и операциите на НАТО и зголемување на подготвеноста на Армијата преку континуирана модернизација и опремување“, се вели во соопштението.

За време на конференцијата, генералот Лафчиски разговарал со своите колеги од НАТО на повеќе теми, кои се од заемен интерес во доменот на одбраната. Притоа тој остварил средби со началниците на генералштабовите на земјите членки и земјите партнери, а за време на средбата со адмирал Роб Бауер му врачил пригоден подарок по повод завршувањето на неговиот мандат како претседавач на ВК на НАТО.

Во рамки на посетата, НГШ на Армијата остварил и официјална посета на Врховната сојузничка команда на НАТО за Европа (SHAPE) во Монс. За време на средбите со заменик-врховниот командант на Сојузничките сили во Европа (DSACEUR), адмирал Кејт Блаунт и заменикот на Командата за специјални сили (DCOM SOFCOM), генерал-мајор Тони Тарнер, се дискутирало за глобалната и регионалната безбедност, трансформациските цели на Армијата, како и можностите за продлабочување на соработката и поддршката од сојузниците во НАТО.

Генералот Лафчиски, во оваа прилика остварил и средба со припадниците на Армијата распоредени во Националното воено претставништво на Република Македонија во НАТО, во Монс, како и со штабните старешини кои се дел од командната структура на НАТО.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ