понеделник, 21 октомври 2024
Прес-конференција на СДСМ

Кузеска: Цените дивеат, стандардот се влошува, власта мува не ја лази и ги замрзна платите

„Економските политики на оваа Влада ја носат државата кон сиромаштија додека стандардот на граѓаните почнува забрзано да се влошува. Цените во Македонија неконтролирано продолжуваат да растат, основните производи за прехрана Владата не ги контролира и животот станува сè поскап, рече на прес-конференција на СДСМ портпаролката на партијата, Богданка Кузеска, оценувајќи дека власта „мува не ја лази“, а граѓаните веќе одат во Врање за да купат храна.

Објавено на

часот

Сподели

Кузеска нагласи дека додека граѓаните се жалат на поскапувањата, премиерот Христијан Мицкоски не презема ништо, освен што само апелира до бизнисменните да ги намалат цените.

„Кога беа во опозицијата беа гласни и ги критикуваа мерките на СДСМ со кои го штитевме стандардот на граѓаните, ги намалувавме цените и се боревме секојдневно со инфлацијата. Денес, во удобните фотелји во Владата мува не ги лази и целосно заборавија на народот.

Дополнително, додека потрошувачката кошничка расте, власта на Мицкоски ги скрати парите со ребалансот и Владата не дава пари за поголема минимална плата. Не дава пари ниту за зголемување на платите во образованието, но и во сите други сектори. Работниците се маргинализирани и заборавени, соочени со високи цени и замрзнати плати. Наместо да ги замрзне цените, Мицкоски ги замрзна платите“, рече портпаролката.

Таа оцени дека владите во регионот спроведуваат низа на мерки за да им помогнат на граѓаните и наведе дека Владата на Србија спроведува акција „Подобри цени“ со поевтинување на над 700 производи, а црногорската ги ограничи маржите во трговијата на големо и мало за повеќе прехранбени и хигиенски производи.

„Нашите граѓани веќе одат за Врање да купуваат храна, а дома може да купат само моливи и тетратки по поевтина цена, мерка која е крајно задоцнета. СДСМ бара Владата на Мицкоски да ги напушти погрешните економските политики и итно да изготви сет на мерки. Итно да ја ревидира сопствената економска политика која забрзано ги носи граѓаните кон сиромаштија“, порача Кузеска.

Портпаролката рече дека потсетува оти владата на СДСМ реализираше голем број мерки за поддршка на стандардот на граѓаните и обезбедуваше пари кои значително им помогнаа на граѓаните.

„Ако не ги прекине овие погрешни политики ДПМНЕ ќе доведе до сиромаштија, влошување на животниот стандард на граѓаните и зголемување на социјалните разлики“, изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ