среда, 23 октомври 2024

Курти: Србија ја остава отворена можноста за „инвазија на Косово“

Премиерот на Косово Аљбин Курти изјави дека „цврстиот сојуз на Србија со Русија е реален редовен безбедносен ризик“ со кој Косово се соочува, и дека поради тоа е неопходен итен договор за нормализација на односите кој двете страни ќе го потпишат.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Како што се наведува во соопштението на владата, Курти на панел дискусија во Лондон, организирана од институтот Четам хаус, кажал и дека присуството на Русија на Балканот расте преку Србија, и дека потпишаниот договор би значел „правна сигурност и спроведување на она за што се договориле страните“.

„Одбивањето на потпишувањето на договорот значи и дека Србија сака да ја остави отворена опцијата за инвазија на Косово“, наведе Курти.

Тој повторно ја обвини Србија дека стои зад инцидентот во Бањска на 24 септември минатата година, кога косовската полиција се соочи со група вооружени Срби. Официјален Белград ги негира овие обвинувања.

Белград и Приштина минатата година го прифатија договорот за нормализација на односите на предлог на Европската Унија и анекс документот за негова имплементација.

Меѓутоа, претседателот на Србија Александар Вучиќ одбива да го потпише, на што инсистира Курти.

Европската Унија, која посредува на дијалогот, во неколку наврати наведе дека договорот, без оглед што не е потпишан, е правно обврзувачки за двете страни.

Договорот инаку предвидува решавање на отворените прашања меѓу Косово и Србија. Со него официјален Белград се обврзува дека нема да го блокира членството на Косово во меѓународните организации, и дека нема да го загрозува територијалниот интегритет на Косово.

Од друга страна, официјална Приштина треба на Србите на Косово да им овозможи одредено ниво на самоменаџирање, односно да формира заедница на општини со српско мнозинство.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ