Курти на конференција за новинарите кажа дека овие тврдења ги заснова на разузнавачки податоци, без да понуди какви било аргументи.
Според него, поддршката која официјален Белград ја пружа на, како што кажа, „терористичката група на Милан Радоичиќ“, не може поинаку да се нарече, освен координација на државата Србија со оваа група за интензивирање на „хибридната војна против Косово“.
„Нападот на 29 ноември на каналот Ибар-Лепенац е продолжување на терористичките акти и напади и другите дестабилизирачки активности кои ги спроведуваат механизмите на влијание на Србија на Косово, вклучувајќи ги српските терористички организации. Земајќи предвид дека ваквите терористички акти бараат стручна подготовка за диверзија, како и фактот дека Милан Радоичиќ го поддржуваат и државните структури на Србија, се оценува дека експлозијата во Ибарско-лепечкиот канал со планирање и логистика го поддржала и државата Србија“, кажа тој.
Амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Србија Кристофер Хил на 23 декември кажа дека САД „не гледаат никакви докази кои би воделе кон Белград“ кога станува збор за тоа кој стои зад нападот на каналот Ибар-Лепенац на северот на Косово.
Меѓутоа, според Курти, нападот било невозможно да се изведе од страна на групата на Радоичиќ без поддршка од српската држава.
„Овие методи на оспорување на системот за безбедност на Косово, кои како резултат не само што ја нарушуваат и оштетуваат виталната инфраструктура, предизвикуваат меѓуетнички инциденти, кои Србија силно ги поттикнува, потоа предизвикуваат паника меѓу граѓаните, а на самиот крај создаваат имиџ на нестабилна земја. Се очекува дека ќе ги има во блиска иднина, а особено пред и по Нова година“, оцени Курти.
Курти претстави хронологија од 15 напади, кои, според него, имале цел да му нанесат штета на Косово „со употреба на тероризам“ од 30 јуни до 29 ноември оваа година, а кои кулминирале со нападот на каналот Ибар-Лепенац.