сабота, 27 јули 2024

Курти: Се зголемува ризикот од повторени насилни напади од „српските криминални структури“

Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека постои зголемен ризик од повторени насилни напади од страна на „српските криминални структури на Косово“.

Објавено на

часот

Сподели

Говорејќи на седница на косовската влада во Приштина, Курти рече дека нивната главна цел е „да ја обвинат косовската полиција и да ја претстават како сила што ги угнетува косовските Срби“.

„За да го постигнат тоа, тие нема да избираат никакви средства“, рече косовскиот премиер.

Курти го упати ова предупредување околу три недели откако косовската полиција беше нападната на 24 септември од вооружена група Срби во селото Бањска во општина Звечан, каде што беше убиен полицаецот Африм Буњаку.

Во подоцнежните борби во Бањска загинаа тројца српски напаѓачи.

Србија ги отфрли обвинувањата на Косово дека стои зад нападот, кој косовските власти го опишаа како „обид за анексија на северно Косово“.

Одговорноста за нападот ја презеде Милан Радоичиќ, тогашен потпретседател на најголемата партија на косовските Срби, Српска листа, која е поддржана од официјален Белград.

Курти рече дека Србија по нападот прогласила ден на жалост и за херои ги прогласила тројцата Срби што беа убиени во Бањска, што, според него, може да биде поттик за можни нови напади на Косово.

„За жал, поддршката што терористичката група ја доби од Србија, од една страна третирајќи ги како херои и маченици, а од друга страна со интензивирање на активностите на армијата долж границата со нашата република, само ги охрабри“, додаде Курти.

Тој ги повика косовските Срби „да бидат претпазливи во наредните денови, недели и месеци“ и да не учествуваат во „исценирани и злонамерни акти на насилство“.

„На Косово сите сме еднакви граѓани бидејќи државата е легална, а општеството е демократско. Не постојат непожелни заедници. Ве повикувам да се потпрете на косовската полиција и да пријавите сомнително однесување на поединци во вашите заедници“, рече Курти.

Нападот во Бањска го осудија САД и Европската Унија.

Портпаролот на ЕУ Петер Стано на 2 октомври изјави дека Брисел ги чека целосните резултати од истрагата, за да има јасна слика за тоа што се случило и дека врз основа на тоа земјите-членки ќе донесат одлуки, вклучително и можни мерки против Србија.

Мерки против Србија бараа премиерите на Хрватска и Албанија, Андреј Пленковиќ и Еди Рама.

Српскиот претседател Александар Вучиќ претходно изјави дека во телефонски разговор таква можност му спомнал американскиот државен секретар Ентони Блинкен.

По нападот, НАТО го зголеми присуството на силите на својата мировна мисија на Косово, КФОР.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ