Од Одборот за традиционална прослава на Бадник денеска најавија дека традиционалното собирање на бадниковите гранчиња ќе се одржи на 22 овој месец од 12 часот на падините на Водно каде, според најавите, покрај годинашните кум и здравичар, ќе бидат присутни и поранешни кумови и здравичари. Централната прослава за Бадник ќе се одржи традиционално на 6 јануари на платото пред Соборниот храм во Скопје.
Годинашниот кум вели дека отсекогаш сакал да биде дел од оваа манифестација и дека навистина се израдувал кога го поканиле да биде кум.
„Отсекогаш кога сум ја гледал оваа манифестација, сум сакал да се вклучам, но знам дека за кум или здравичар не можеш сам да се понудиш, туку треба да те поканат. Кога ми понудија да бидам кум, бев збунет и не можев да поверувам дека ме избрале. Едвај го чекам моментот кога ќе почне манифестаицјата за да го доживеам чувството како и претходните кумови“, рече Макеларски.
Од Општина Центар, која традиционално учествува во организацијата на овој настан, најавуваат дека ќе продолжат да бидат покровители и во иднина.