понеделник, 24 јуни 2024

Кумановските „високи зони“ добија вода за пиење, се апелира да не се полеваат бавчи

Нормализирано е водоснабдувањето во високите зони во Куманово, информираа денеска надлежните од ЈП Водовод и од АД Водостопанство Кумановско липковско поле. До кумановци се апелира да не полеваат бавчи, да не полнат базени и да не мијат автомобили.

Објавено на

часот

Сподели

Проблемот го надминале екипите на АД Водостопанство Кумановско липковско поле кои го отстраниле дефектот. Граѓаните од приградските населби Карпош, Иго Тричковиќ, Ајдучка чешма, Јане Сандански, Перо Чичо, населба Железничка станица, населба Черкезе, како и горниот дел од ул.Бајрам Шабани и околните улици кои гравитираат околу неа имаа проблеми со водоснабдувањето и реагираа, барајќи да се надмине горливиот проблем поради жештините.

„Од вчера е нормализирано водоснабдувањето во високите зони, проблем кој настана од намален доток на вода до филтер станица поради дефект и беше затворен бајпасот. Од вчера има 370 литри вода во секунда во целата мрежа, така што и зоните во населбите имаат редовно водоснабдување, изјави директорот на ЈП Водовод, Оливер Стојмановски.

Тој апелираше да не се полеваат бавчи, да не се мијат автомобили, да не се полнат базени и водата рационално да се користи.

И директорот на АД Водостопанство Кумановско липковско поле Оливер Илиевски, кажа дека е надминат дефектот кој се случил пред викендот.

„Екипите напорно работеа, имаше проблеми на две места. Надминат  е проблемот. Воедно, да потенцирам дека браната прелева и исполнет е целосно капацитетот кој на двете брани. Вода ќе има доволно за сите и за граѓаните и за земјоделците, изјави Илиевски.

 

Вкупниот капацитет на браната Липково е милион и 400 илјади метри кубни, додека на браната Глажња е 24 милиони кубни метри вода.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ