четврток, 16 јануари 2025

Куманово, Скопје, Кичево и Битола се најбучните градови во Македонија

Објавено на

часот

Сподели

Покрај во Куманово, мерења се вршат и Центрите за јавно здравје (ЦЈЗ) во Скопје, Битола, Кичево, и секаде има отстапување од дозволените вредности, но најлоша е состојбата во најсеверниот град во државата.

„Согласно обработените податоци од комунална бучава може да се заклучи дека од четирите разгледувани градови, Куманово е град со најголемо загадување од бучава. Нивото на бучава во животната средина во Куманово на сите мерни места и за сите три основни индикатори: бучава преку ден, во текот на вечерта и бучава преку ноќ, е над дозволената гранична вредност“, стои во извештајот.

Куманово е рекордер и во однос на екстремната бучава, која е повисока дури за повеќе од 50 отсто од дозволеното.

„Екстремно високо максимално ниво на бучава е измерено во пролетниот период во Куманово и изнесува 95,80 децибели, што е за 35,80 д/б над граничните вредности. Највисоката вредност во Кичево изнесува 75 д/б, во Скопје 71 д/б, додека во Битола изнесува 67,5 д/б“, покажува извештајот за 2022 година.

Максимално дозволеното ниво изнесува 60 децибели. Дневната граница во подрачје од прв степен е 40 децибели, а ноќната 50.

Рекордот е постигнат на крстосницата на улиците „Борис Кидрич“ и „Гоце Делчев“, или попрецизно на крстосницата кај т.н. Уред.  

„Нивото на вечерната бучава значително се зголемува во однос на дневната на мерните места: крстосницата на улиците Трета МУБ, Гоце Делчев и Бајрам Шабани, во т.н. Серава и во близина на Општа болница Куманово, поточно на крстосницата меѓу улиците 11 Октомври и Сава Ковачевиќ. Благо намалување на бучавата има во вечерните часови меѓу улиците Братство единство и 11 Октомври“, стои во извештајот.

Во текот на ноќта, пак, на сите мерни места е измерена поголемо ниво на бучава од дозволената, а посебо се издвојуваат крстосниците меѓу улиците 11 Октомври и Сава Ковачевиќ, кај Општата болница, на ул. Народна Револуција и Кирил и Методиј,  кај училиштето Браќа Миладиновци, улица Народна револуција и улица Тоде Думба, раскрсницата кон Градските гробишта.

Мерењето на комуналната бучава во Куманово го врши Одделението по хигиена и здравствена екологија при Центарот за јавно здравје, и тоа двапати годишно во месеците април и октомври. Согласно Правилникот за локациите на мерните станици бучавата се мери на десет мерни места, кои се наоѓаат на најфреквентните сообраќајници во поширокото градско подрачје. 

„Сообраќајот е најзначајниот фактор за висока атмосферска бучава во Куманово, дури ни озогласеното Скопје нема сообраќајни блокади и стоење во место како кај нас. Градежната индустрија има голем удел во подигање на нивото на бучава, но тие работат со точно определено работно време. А екстремните вредности се однесуваат на вечерните часови, кога градежниците не работат. Ни угостителските објекти не се најголемите причинители на бучава“, изјави д-р Блерта Шахини Азизи, специјализант по хигиена и здравствена екологија од ЦЈЗ Куманово.

Особено значајно и специфично за Македонија е соседството и бучавата предизвикана од друга самостојна звучна опрема, како што е бучавата од верските објекти. Во Куманово разгласите од неколкуте џамии во градот и приградските населби се пуштени на најако, па тие се проблем и за граѓаните кои само поминуваат покрај нив, а не само за оние кои живејат во нивната околина.

„Недостатокот на паркинг е хроничен проблем во градот, како и густиот сообраќај, посебно во летните месеци и за време пред поголемите празници. Но, од пред 15-тина години се соочуваме и со проблемот од преголема бучава од верски објекти во центарот на градот, посебно во раните утрински часови. Верски сум максимално толерантен и немам проблем со начинот на практикување на нивните обичаи, но сепак мислам дека се претерува, и не се мисли дали тоа им пречи и им го загрозува здравјето на останатите сограѓани без разлика на верска и национална припадност”, вели кумановец кој живее во центарот на Куманово.

Врз основа на студии направени од Институтот за јавно здравје, најчесто како последица на зголемено ниво на бучава се јавува нарушување на спиењето, вознемиреност кај населението, оштетување на слухот, кардиоваскуларни проблеми и влијае на психофизичката состојба.

Во извештајот стои дека долготрајната изложеност на бучава во животната средина, пак, предизвикува сериозни здравствени проблеми кои може да бидат: акутни, хронични и со долготрајни ризици. Бучавата предизвикува замор, слабеење на концентрационите способности, губиток на волјата и расположение а бучавата преку 110 дб создава и пореметувања во органот за рамнотежа. Кај некои пациенти се опишани пореметувања на ритамот на срцето и промени на електрокардиограмот. Исто така се можни пореметувања на крвниот притисок, односно негово покачување или намалување.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ