Како што најавуваат надлежните од Секторот за јавни набавки, по изборот на економските оператори ќе започнат градежните активности за трите проекти.
„Тендерските постапки за сите три проекти: изградба на водоводна мрежа, фекална и атмосферска канализација, изградба на дел од внатрешни сообраќајници, воспоставување на режим на сообраќај и осветлување на дел од внатрешни сообраќајници во индустриска зона-Речица во општина Куманово, реконструкција на атмосферска канализација на улицата ‘Бајрам Шабани’ и изградба на секундарна дистрибутивна гасоводна мрежа, дел од улицата ‘Б.С. Бато’ до село Доброшане (со индустриска зона долж патот во Доброшане) во Општина Куманово се распишани и се води постапка за избор на најповолни понудувачи за истите“, информираат од Општина Куманово.
Зоната во Речица дополнително ќе се уредува за да се привлечат странски и домашни компании. Од Секторот за урбанизам во Општината, велат дека се завршени одобренијата и по уредување на зоната ќе се организира нова аукција. Со средствата од Владата се очекува целосно уредена атмосферска канализација, осветлување на зоната, водоводна мрежа и асфалтирани улици со тротоари.
„Последната електронска аукција беше организирана во август 2023-та каде што парцелата со намена складишта и стоваришта беше отуѓена по цена од 31 евро за метар квадратен и како најдобар понудувач беше избрана групацијата ‘Лидл’. Тие се веќе во тек на изградба на објектот, најголемо складиште за Македонија. Очекуваме поголем интерес, затоа што поинакви се цените кога на пазар нудите уредена зона, парцели со организирана комунална инфраструктура, во однос на понизок степен на уреденост. Очекуваме повисоки цени и од оние за ‘Лидл’“, изјави раководителката на Секторот, Емилија Сларидис Јаневска.
Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски вели дека трендерските постапки се распишани и станува збор за набавки од поголема вредност, поради големината на градежниот опфат.
„За индустриската зона Новини и Речица е постапка од меѓународен карактер која сè уште е во тек. Очекуваме најквалитетна понуда и изведувач и час поскоро да се почне со градежни активносто“, изјави Димитриевски.
И останатите постапки се во тек и за ширење на гасификацијата кон Доброшане и за атмосферска канализациска мрежа на „Бајрам Шабани“.
„Старата индустриска зона во Доброшане е важна и штом се изберат ќе почне со градежни активности“, вели Димитриевски.
Пред извесен период, Владата најави дека во близина на Куманово, странска компанија ќе гради комплекс за монтажа и складирање на површина од 35.000 метри квадратни.
„Во индустриска зона кај Горно Коњаре во близина на Куманово, ДМ Бау Интернационал ќе изгради голем комплекс составен од повеќе објекти за производство, монтажа и складирање, со вкупна површина од околу 35.000 метри квадратни под покрив. За таа цел, во 2024 година компанијата купи земјиште со големина од околу 72.000 метри квадратни. Моментално таму се изведуваат првични земјени работи за нивелирање на земјиштето, по што, во текот на 2025 година ќе отпочне изградбата на нивните производни погони. Договорот за државна помош кој се потпиша предвидува инвестиција од најмалку седум милиони евра во следните пет години и најмалку 200 нови работни места. Инвестицискиот план вклучува вложувања во купување на земјиште, целосна изградба на погоните и нивно опремување со машини и опрема за производство на модуларни објекти со различна намена“, информираа од Владата.
Локалната власт ја поздравува иницијативата и интересот на која било странска и домашна компанија
„Очекуваме, бидејќи првично разговарале со Владата да дојдат и да поразговараме, Општината ќе го даде максимумот да овозможи услови и не само на овие странски инвеститори, туку на сите домашни и странски компании да привлечеме поголем број инвестиции за да се намали невработеноста“, вели Димитриевски.
Куманово има неколку зони каде се сместени домашни компании. Едната е во Доброшане каде ќе се проширува гасификациската мрежа. Токму големите корисници се приоритет на „Куманово гас“. Надлежните очекуваат да се заврши со градежните активности и малите и средните претпријатија од приватниот сектор да се приклучат на мрежата, бидејќи и самите побарале проширување на мрежата кон нивните производни капацитети.
Сепак, најголем интерес од инвеститорите има за зоната Речица, сместена на атрактивна локација во непосредна близина на автопатот Е-75 кон Табановце (во близина на село Речица), на само пет километри од српската граница и е во близина на двата коридори 8 и 10. Таа е урбанистички уредена за лесна и незагадувачка индустрија, трговски единици, сместувачки капацитети, сервиси и стоваришта.
МИА