сабота, 27 јули 2024
Последици по вчерашното невреме

Куманово е без вода за пиење, ќе ја има после проверките на три независни лаборатории

Поголем дел од Куманово нема вода за пиење, соопштија денеска надлежните од Јавното претпријатие (ЈП) Водовод. На денешната прес-конференција по завршување на седницата на Општинскиот кризен штаб беше посочено дека ќе се преземат сите мерки за надминување на состојбата, но дека за безбедноста на водата ќе се почекаат резултатите од Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) Куманово. Дополнително, и екипите на Водовод ќе извршат проверки како и уште една независна лабораторија. На вонреден состанок, денеска општинскиот штаб за заштита и спасување во Куманово донесе одлука со препорака до жителите водата од ЈП „Водовод“ да не се користи за пиење. Во меѓувреме од кумановското Водостопанство информираа дека по вчерашните врнежи од град и дожд, браната Липково полека се стабилизира.

Објавено на

часот

Сподели

„Во моментот уште во некои делови на градот имаат вода, но доколку не се стабилизира дотурот што доаѓа од Липково, од браната, ако матноста на водата не биде во задоволителните граници, ние како ЈП нема да испорачуваме вода до граѓаните. Стапивме во контакт со Агенцијата за храна и ветеринарство при што е доставено барање водата да се користи како техничка“, изјави директорот на ЈП Водовод Куманово, Оливер Стојмановски.

Според Стојмановски, нема место за паника, стручните служби навремено реагираат.

„Иако излезе информација дека водата не е безбедна за пиење, тоа е непотврдена информација, затоа што чекаме информација од Центарот за јавно здравје кој има земено мостри од локации. Од наша страна, исто така имаме земено мостри. Во меѓувреме, известивме независна приватна лабораторија која исто така ќе земе мостри.  Нема место за паника. Нашите стручни служби реагираат навремено. Оваа е ситуација што не зависи од ЈП. Се надеваме дека за релативно брзо време водата што доаѓа во доводот на филтер станицата ќе биде со задоволителна матност“, истакна Стојмановски.

Во оние делови од градот каде што има вода, може да се користи како техничка, претходно превриена. Стручните служби од фабриката за пречистување на вода (Филтер станица Куманово) велат дека не знаат во кој момент може да се пушти водата за пиење, бидејќи се чекаат резултатите од здравствените институции.

„Ако не се повтори ударот од сегашното невреме, ние сметаме дека задоволителни резултати ќе добиеме многу брзо. Не можеме да кажеме за колку време ќе помине таа „лоша вода“ низ цевководот. Сепак, за тоа дали водата ќе биде за пиење ќе треба да одобрат здравствените институции изјави раководителот на филтер станицата“, Тони Јовчевски.

Според Правилникот, како што укажува Јовчевски, матноста на водата максимално може да изнесува 1,5, што е незабележливо со око.

„Додека е над таа вредност, водата според Правилникот се смета за небезбедна, со тоа што тоа се вредности кои со голо око не се забележуваат. Во секој случај тоа мора да се потврди со спроведената анализа со апарати за матност на водата така што ќе се произнесат институциите дали водата повторно може да се користи за сите други потреби, освен за пиење“, истакна Јовчевски.

Водата во бунарските системи Митев мост и во Бедиње е добра и се користи за водоснабдување на дел од градот, а еден дел за потребите на Фабриката за преработка на вода за да може побрзо да се пречистува и да се стабилизира. 

На вонреден состанок, денеска Oпштинскиот штаб за заштита и спасување во Куманово донесе одлука со препорака до жителите водата да не се користи за пиење.

Ова доаѓа по појавата на обилните врнежи од дожд во текот на вчерашниот ден на територијата на општина Куманово, при што беше забележано заматување на водата во водоснабдувачкиот систем.

„Главен проблем претставува заматување на водата во водоснабдителниот систем, заради обилните дождови. Заради истото, водата која се доставува во водоводната мрежа во Куманово, исто така е заматена. Препорака до граѓаните, водата да се користи како техничка вода или истата да не се користи без зовривање. Препораката останува сè додека не се утврди дека истата е безбедна за пиење“, информираа од штабот.

На денешниот вонреден состанок на општинскиот штаб за заштита и спасување присуствуваа претставници од Општина Куманово, Совет на општина Куманово, Регионален центар за управување со кризи, Дирекција за заштита и спасување, ЈП „Водовод“, ЈП „Чистота и зеленило“, АД Водостопанство, Државен инспекторат за животна средина и Центар за јавно здравје.

Во меѓувреме од кумановското Водостопанство информираа дека по вчерашните врнежи од град и дожд, браната Липково полека се стабилизира.

„Во текот на вчерашниот ден, во попладневните часови, дојде до заматување на водата во брана Липково, како и поплавување на тунелот од брана Липково до ‘чвориште’ на место викано Калишњак. Во директниот вод што води до филтер станица на Водовод Куманово е надојдена заматена вода“, информираа од кумановското водостопанство

Оттаму соопштуваат дека во текот на денешниот ден веќе до Водовод Куманово пристигнува вода со мала заматеност над дозволеното.

„Брана Липково веќе е сталожена, со што се очекува во вечерните часови, Водовод Куманово да добива вода со заматеност во граници на дозволеното“, соопштија од кумановскиот Водовод.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ