недела, 19 мај 2024
Мирко Стојановски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Измислено интервју

Културни војни: Мишко и Брега

Кадифениот и пријателски глас на новинарот Мишко беше во контраст со смислата на прашањата кои ги поставуваше на најпознатата фолк ѕвезда на jугословенските простори, Горан Бреговиќ-Брега. Дали можете со сигурност да ни опишите кога точно се просељачивте?

Навидум изненаден од провокативното прашање, Брега, без и најмала пауза безгрижно одговори дека не може да се сети на тој датум. Сакате да кажете дека отсекогаш сте биле сељак, кој во младоста глумел авангарда и рокер, упорен беше Мишко. Не знам, одговори Брега, без и најмало двоумење.

Па добро, веќе видно изнервиран Мишко продолжи со прашањата, сакате да кажете дека вие не ја компониравте култната Селма, едно од ремек делата на светското рок-ен-рол културно наследство?

Селма беше љубовна песна, замислена како сентиш на иначе класично рокерски албум, тогаш не мислевме дека е рок песна. Поетот Владо Дијак го напиша текстот инспириран од вистинит настан, тој беше тајно вљубен во Селма Бориќ која во 1949та ја испраќал на железничката станица во Сараево…, нервозно се обиде да го избегне прашањето Брега. А музиката. непопустлив беше Мишко.

Музиката беше компонирана за да извлече максимум од гласовните можности на Бебек, кои веројатно, знаете не беа мали, односно човекот беше феномен, никој не можеше да испее толкав распон на високи и ниски тонови или пак да прави таков преод од пијано во форце во иста песна како што можеше тоа да го направи Жељко, и сето тоа со неговиот специфичен зарипнат глас… И Фреди Меркјури му се воодушевуваше на Бебек…

А музиката, кој ја компонираше музиката за Селма? Упорен беше новинарот со своето испрашување кое заличуваше на полициски распит. Но Брега, сега веќе видно отсутен, продолжи со своето бладање. Жељко беше повеќе од пеач, тој беше како врвен холивудски глумец кој се соживува со својата улога. Сте слушнале ли дека на Марлон Брандо му требале цели шест години да се врати во реалноста после снимањето на филмот „Апокалипса сега“ каде се појавува само неколку минути и речиси и нема текст? Таков беше и Бебек. И ја имавме таа среќа да ја почувствува љубовта што Владо ја чувствувал спрема Селма и тоа сето е во снимката…

Во ред, тоа е интересна приказна но мене ме интересира кој ја компонира Селма, кој ги напиша нотите?

Знаете ли дека Бебек кој беше вистински даса во Сараво во шеесетите и многу популарен пеач ме внесе мене на голема врата во музичката сцена? Интересно, но кажете ми вие мене кој свиреше на гитара за време на снимањето на Селма? Јас свирев, со плачлив глас одговори Брега.

Феноменално соло, бевте добар гитарист, го пофали новинарот за да го охрабри да го одговори прашањето. А нотите, кој ги напиша нотите за Селма?

Јас ги напишав, со солзи во очите одговори музичарот. Брега беше исклучетолно интелигентен и знаеше каде ова води и знаеше дека веќе не може да го крие каењето… И не глумев!

Како тоа мислите, не глумевте додека ја пишувавте Селма?

Не, тоа бев јас, вистинскиот јас, после глумев и манипулирав и лажев. После ги лажев сите и ги измамував, ја открив формулата за пристап до атавистичките чувства и пориви на луѓето во бивша ЈУ и почнав да ги манипулирам.

Но кој ве наведе на тоа?

Лакомоста за пари, парите тогаш мислевме дека се најважни. Многу пропативме во Неапол кога свиревме по барови и после во Сараево, знаете, да се биде авангарда има своја цена… се обиде да најде оправдување музичарот за бекството од себе си. Кој ја смисли Ѓурѓевдан? Јас! Јас ја осмислив и тоа беше мојата најголема лага. Јас сум тој, предавникот, се предадов себе си, ги предадов другарите, ја предадов мојата генерација, ја предадов земјата и народот што ги сакав. Да, Ѓурѓевдан, тоа сум јас!

Мишко се обиде да го смири, но сепак сакаше да извлече повеќе одговори што долго време го мачеа. Но, сепак не живеевте толку лошо, дали можеби ве малтретираше полицијата, барем такви беа муабетите?

Се случуваше и тоа, но немавме преголеми проблеми со југословенската полиција. Во право си Мишко, не живеевме толку лошо, ние полневме младински културни домови и концертни сали ширум Југославија. Имавме верна публика и пари. Нас нè сакаа младите, студентите, образованите, ние го надминавме западот на негов терен, рок-ен-ролот, нашите песни почнаа да ги копираат големите светски бендови, но ние само се смеевме на тој плагијаризам, бевме самоуверени и семоќни бидејќи дефинитивно ги смачкавме и сталинизмот и тоа што почнуваше да наликува на негов имиџ, титоизмот, и знаевме дека западот за нас ќе биде мачкина кашлица.

Но не тргнавте во поход на Запад, што се случи, го запраша Мишко.

Се сеќаваш ли на Лепа Брена и Ситние Циле ситние?

Сум слушнал но не знам премногу за неа, одговори младиот новинар.

Таа, со фалшиво пеење, поточно церекање, со безвезни песни, никакви текстови само рефрени од 3 ноти што се повторуваат до бескрај, со кусо здолниште и отворено деколте полнеше стадиони ширум Југославија. И тогаш си реков, ако може таа, можеме и ние, зошто да ѝ ги оставиме сите пари да ги собере, и ние ќе стрижеме овци…

И ја направивте најголемата културна трансформација во историјата на човештвото, од Селма во Ѓурѓевдан, му се уфрли во реченицата новинарот. Преминавте од класичен, уметнички рок во турбо фолк?

Брега молчеше, беше отсутен, знаеше, луѓето од партизани преминувале во четници и обратно, но тоа не е ништо во споредба со неговата трансформација. Но да останеше само на тоа, сега новинарот започна со своето соло, да останеше само на тоа.

После, оној идиот Младиќ, од југословенски офицер, значи производ на војска настаната од храброста, пожртвованоста и солидарноста на борците од Неретва и Сутејска, значи од офицер на Југословенска народна војска се претвори во кољачот од Сребреница, единствено злосторство во историјата за кое има неколку пресуди на меѓународни судови кое го оквалификуваат како геноцид! Не, не го подржав безумието, шепотеше Брега.

Но му дадовте патоказ, реплицираше новинарот.

Можеби, не знам, Џони имаше храброст да се повлече, јас немав.

Кој?

Џони Штулиќ, не го познавате помладиве, јас можеби свирев добро на гитара, но за него не бев достоен ни конзерви со пиво да му отварам!

Аха, значи имало и подобри од вас?

Ех, и тоа како Мишко, искрено му одговори Брега. Џони беше уметник, и поет во душа. Знаеш, денес никој не слушнал за Алекса Шантиќ, најдобриот српски поет, но Џони пееше негови песни ушто во тоа време.

А има ли денес гитаристи овде на Балканов, прашуваше Мишко, обидувајќи се при тоа да го заврши разговорот. Не му беше важна историјата на музиката во Југославија, само беше фасциниран од преодот кој го направил овој музичар, од рок во турбо фолк.

Има Мишко како нема, овде е најдобриот на свет.

А кој е тој, нестрпливо запраша Мишко.

Види, Брега почна полека да објаснува во нему својствен стил, ако на Харвард се отвори предмет по електрична гитара и класично појачало само еден може да биде професор – Влатко Стефаноски, но тоа е друг разговор.

Ако мислиш на Влатко од Леб и сол, тогаш тоа е така затоа што човекот цел свој живот се занимава со неговата гитара и музика, а ти сврти на тапани и народно, поучно му реплицираше новинарот.

Не Мишко, не си во право, Леб и сол отсекогаш беа за една до две класи поквалитетни од нас, од Бело дугме, а и кога ќе свиреа народно тоа звучеше на изворен рок, кога Влатко подоцна почна да свири фолклорни мелодии, тие никогаш не звучеа народњачки. Тој е најдобриот!

Во ред господине Бреговиќ, ви благодарам за искреноста, се надевам дека нема да се противите да го објавиме разговоров во целост?

Не, не би ми пречело, објави го, по обичај, за сè лажев, а и се дрогирав пред разговорот, не ми е гајле, само нека собере публика… Која бедна битанга, си промрморе во себе си Мишко пред да го прекине разговорот.

Д-р Мирко Стојановски

КОЛУМНИ

Ристо Цицонков

За енергетска транзиција – греење со топлински пумпи (2)

Сефер Тахири

Тивок бојкот наспроти тивка поддршка: улогата на Албанците во изборот на...

Наташа Јовановиќ Мартинс

Зурли и тапани за Македонија

Зоран Дабиќ

Политичка мизогинија

Рајко Пеколски

Патриотизмот и егоизмот

Јовица Тасевски-Етернијан

За употребата на термините „Македонија“ и „македонски“

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ