сабота, 13 декември 2025
Интервју

Зoран Кики Лесендриќ, „Пилоти“: Терај, и не се врти дечко!

Легендата на југословенскиот рок повторно во Скопје – Кики Лесендриќ со „Пилоти“ во Јавна соба на 19 септември во  21 часот.

Објавено на

часот

Сподели

Зоран Кики Лесендриќ, основач и фронтмен на легендарната група „Пилоти“, повеќе од четири децении ги испишува страниците на музичката историја на Балканот. Од осумдесеттите, кога песни како „Како птица на мојот длан“ станаа симбол на една генерација, па сè до денес, Кики и понатаму неуморно создава и настапува. Неговиот богат опус опфаќа класици на југословенскиот рок, но и успешна соло-кариера со хитови како „Таа ноќ се степавме поради неа“ и „Како си убава“. Со најновиот албум Мали трагови на небото (2023) уште еднаш ја потврдува својата автентичност и континуитет.

По повод претстојниот концерт во Скопје, во септември во Jaвна соба, разговаравме со Кики Лесендриќ за почетоците, сеќавањата од осумдесеттите, новите проекти и тоа што публиката може да очекува од овој жив настап.

Кики, повеќе од четири децении сте на сцената. Кога ќе се сетите на почетоците и основањето на групата Пилоти во 1980 година, што најпрво Ви паѓа на ум од тој период?
– Настанавме како друштво од маало. Во тоа време и нашите другари Гиле и Милан Младеновиќ веќе имаа свои бендови. Неповторлива атмосфера во градот, се свиреше по месни заедници, по некои чудни места. И екипата од Загреб, пред сè Прљаво казалиште и Џони Штулиќ, беа со нас. Одеднаш цела Југославија играше на новиот бран.

Вашиот прв албум од 1981 ја најави големата успешна приказна, но средината на осумдесеттите донесе вистинска еуфорија. Како ја паметите таа златна ера на југословенскиот рок?
– Албумите излегуваа секој месец, полни со феноменална музика. Мислам дека никој не гледаше на успехот на другиот со завист. Во 1987, кога излезе албумот „Како птица на мојот длан“, излегоа уште околу 80 албуми и којзнае колку хитови. Се свиреше насекаде – од стадиони до мали клубови. И никој не претчувствуваше зло.

Песната „Како птица на мојот длан“ стана безвременски хит и обележа цела една генерација. Се сеќавате ли како настана и дали тогаш претпоставувавте дека ќе стане химна за милиони луѓе?
– Настана како мала идеја уште во 1983, додека бев во Ниш на војска, но вистинска форма доби две години подоцна кога ги завршив стиховите и го склопив рефренот. Веќе при снимањето, Бора Чорба, Енцо Лесиќ, Бата Ковач рекоа дека тоа е голем хит, иако јас не бев сигурен. Но најголемиот комплимент го даде Карло Метикош во Сплит на промотивен концерт, дека тоа е песна за сите времиња. Има некој свој живот, си оди по свој пат.

Денес постојат нови генерации кои можеби за првпат доаѓаат да ве слушнат во живо. Како ја доживувате таа фактичка поврзаност со помладата публика?
– Слично е со сите бендови од осумдесеттите кои сè уште се активни. На мене ми беше важно кога ќе излезам на бина да дадам сè од себе. Обично на големите концерти, благодарение на искуството од осумдесеттите, секогаш добро поминувавме кај младата публика. Така беше и на последниот концерт во Белград, во мај, во публиката беа најмногу млади.

Соло-кариерата ја започнавте во 2008 со албумот Месец на вратата, со големи хитови како „Таа ноќ се степавме поради неа“ и „Како си убава“. Колку ви значеше тој период за личниот уметнички израз?
– Да. Охрабрен од пријатели и потпомогнат од Ѓоле Балашевиќ, Бајага, Ѓуле и многу музичари, направив исчекор, можеби и најкомплетниот албум во кариерата. Уживаме снимајќи го во неколку студија, од Австралија, Италија, Белград, Загреб. Без очекувања и без оптоварување.

Снимивте повеќе албуми и компилации, меѓу кои и концертниот албум Светот е убав кога сонуваме од Beerfest 2009. Колку ви значи енергијата на живите настапи и контактот со публиката?

– За мене живите настапи се најважни. Таму се случува она што на снимка постои само делумно. Неколку песни добиваат ново „одело“. Ако се случи колективна енергија, тоа е посебно и останува засекогаш.

Публиката во Скопје ве очекува во септември во Public Room. Што можете да откриете, каков репертоар и атмосфера да очекуваме таа вечер?
– Да се потсетиме на сите овие години. Долго не сме свиреле во Скопје и сигурно ќе биде посебна вечер за нас.

Најновиот албум Мали трагови на небото излезе кон крајот на 2023. Какви се впечатоците и каде го гледате во однос на вашата целокупна дискографија?
– Како еден дел од моето поминување низ време и простор. Главно автобиографија, поддржана со соништа.

Постои ли песна, стара или нова, што лично ја сметате за најемоционална и која најмногу ве поврзува со публиката?
– Моја омилена е Рекла је да у мојој глави чује гитаре Можеби првата песна што ја напишав „во еден здив“, едно пролетно време – за една девојкa.

Кога би можеле денес да му кажете нешто на младиот Кики од 1980 година, што би било тоа?

– Терај, и не се врти дечко.

П.Р.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ