недела, 13 јули 2025

Регионална конференција на ПЕН центарот на Македонија

Денеска почнува јубилејната 20. Регионална конференција на Македонскиот ПЕН – Центар, на која ќе учествуваат 25 писатели од девет ПЕН центри. Како што соопштуваат од ПЕН центарот, конференцијата ќе се одржи во Охрид и Струга и ќе трае до 21 јуни.

Објавено на

часот

Сподели

Темата на годинешниот симпозиум ќе биде „Постхуманизам и книжевност“, каде писателите низ дијалог ќе се обидат да најдат одговори на низа актуелни прашања за статусот на книжевноста и уметноста во ерата на вртоглав технолошки развој поврзан со употребата на вештачката интелигенција.

Излагањата од симпозиумот ќе се сосредоточат на позитивните и негативните аспекти на примената на вештачката интелигенција во книжевноста; вештачката интелигенција и имагинацијата; „ChatGPT“ и плагијаризмот; хуманистичкото образование и вештачката интелигенција, со цел да се понудат одговори на прашањето за состојбата на човекот денес, односно: „дали сме веќе навлезени во добата на постхуманизмот?“

„Во рамките на конференцијата ќе се одржи состанок на Балканската ПЕН мрежа, посветен првенствено на перспективите на соработка, меѓусебното преведување, но и заедничка афирмација на балканските книжевности и културни достигнувања на меѓународен план. Програмата предвидува и две книжевни читања на делата на учесниците: во Меморијалната куќа на Григор Прличев во Охрид на 20 јуни, со почеток во 19 часот, како и во Меморијалната куќа на Браќата Миладиновци во Струга на 21 јуни, со почеток во 13 часот“, стои во соопштението.

Учесници на јубилејната конференција на Македонскиот ПЕН центар се Вида Огненовиќ и Владислав Бајац од српскиот ПЕН, Ентела Каси и Ахмет Пренчи од албанскиот ПЕН, Петар Чухов и Иван Христов од Бугарија,  Тарик Ѓунерсел од Турција,  Драгана Кршенковиќ Брковиќ од црногорскиот ПЕН, Бинак Кељменди од косовскиот ПЕН, Иштван Турчи од Унгарија, Ванѓел Дуновски од влашкиот ПЕН, како и членовите на Македонскиот ПЕН Зоран Анчевски, Игор Анѓелков, Наташа Аврамовска, Бранко Цветкоски, Славе Ѓорго Димоски, Димитрие Дурацовски, Иван Џепароски, Лидија Капушевска-Дракулевска, Катица Ќулавкова, Ермис Лафазановски, Владимир Мартиновски, Александар Прокопиев и Соња Стојменска-Елзесер.

Музичкиот дел од програмата ќе биде во изведба на пејачот на составите „Фолтин“ и „Пијан Славеј“ Бранислав Николов.

Јубилејната Регионална конференција на Македонскиот ПЕН центар ќе се одржи со поддршка на Министерството за култура и туризам на Македонија, а програмата во Струга ќе биде изведена во соработка со Струшките вечери на поезијата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ