понеделник, 8 декември 2025

Заедничка 20-годишнина од постоењето на бендот „Баклава“ и Македонскиот културен центар во Софија

Во петокот на 21-ви ноември во Македонскиот КИЦ во Софија беше одржан концертот на групата „Баклава“. Концертната вечер, на своевиден начин беше спој на два големи јубилеја, 20 години од постоењето на Македонскиот КИЦ во Софија и 20 години од творештвото на групата „Баклава“ што претставуваат два патокази кои две децении создаваат културна мапа низ која патуваат уметноста, пријателството и меѓусебната почит.

Објавено на

часот

Сподели

„Она што се случи вечерта, беше момент во кој македонската музика, македонскиот јазик и македонскиот мелос одекнаа. Тоа беше одек што не можеше да се игнорира, одек што беше глас на цела традиција, глас на еден народ што преку песна зборува со достоинство, со храброст и со длабоко вкоренета културна свест. Софија вечерта не само што слушаше македонска музика, таа ја почувствува Македонија во секоја нота, во секои стих, во секој здив. ‘Баклава’ се меѓу ретките ансамбли што ја третираат традицијата, кои ја чуваат, ја пеат, и ја живеат. Тие ја носат Македонија во секој тон, Македонија што дише, што се движи, што создава. Пред публиката, која ја носеше секоја изведба како лична емоција, настапија: Елена Христова – глас кој пее историја, сон, спомен и иднина. Влатко Терзиски – кларинетис кој ја претвора секоја нота во мисла, секоја мелодиска линија во приказна. Сашо Митев – мултиинструменталист кој со кавалот и гитарата создава текстури со неверојатна прецизност и длабочина. Владимир Стојчевски – басист чие свирење е истовремено темел, ритам и срце на ансамблот. Нивната енергија беше силна, експресивна, и со префинета уметничка мерка. Обработките на македонскиот фолклор што ги создаваат „Баклава“ не се класични преработки. Тие се осовременети обреди, акустични патувања, распослани пејзажи од звук и тишина, каде секој инструмент има свој здив и свој карактер. Тоа е музика што ги надминува границите. Музика што ги обединува слушателите, музика што зборува со јазикот на чувството, јазик кој сите го разбираат“, го опиша доживувањето на вечерта, директорот на македонскиот КИЦ, Зоран Пејковски.

Според Пејковски, вечерта кога „Баклава“ настапија во Македонскиот КИЦ во Софија, тие настапија како чувари на македонскиот дух, како поврзувачи на култури, и како уметници кои создаваат современа магија од древни корени.

„Со секоја нова композиција, со секоја мелодиска линија, публиката реагираше како дел од самото музичко ткиво, оти ‘Баклава’ настапи во срцата на присутните. Салата стана едно тело што слуша, чувствува, трепери и се движи како единствен организам. Во тој миг, Македонија звучеше гласно“, нагласи директорот Пејковски, кој на членовите на групата „Баклава“ им доделив јубилејни благодарници „Мостови на културата“, изработени по повод 20 години од постоењето на центарот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ