На базарот, кој ќе биде отворен сѐ до 8 Март, учество ќе земат успешни и докажани брендови.
Креативците што внесуваат колорит и радост во одбележувањето на Денот на жената ќе се претстават со широка палета модерни производи. За сите дами, познатите и современи ракотворци изработија оригинален и храбро конципиран еклектичен накит, рачно плетен накит од челик и кожа, креативни изработки од срма, рачно насликана керамика, дрвени сетови, иновативен накит од керамика и стакло, накит од епоксидна смола и полимерна глина. Сребрен накит изработен во традиционална филигранска техника, но со нетрадиционален дизајн, современ и елегантен. Ракотворците ги раскажуваат своите приказни, на еден современ и концептуален начин, низ моделирање наративи од инспиративното секојдневие. На овој уникатен базар, дел од уметниците ќе се претстават и со вегански козметички производи за нега и убавина на лице и тело, цветни аранжмани, производи од свила и домашно направени колачи и чоколади. Некои од уметниците креираа и чанти и аксесоари изработени од кожа, како и декоративни органски сапуни.
Настанот обединува внимателно селектирани домашни креативци и брендови, кои со својата оригиналност, естетика и рачна изработка нудат поинаква, автентична алтернатива за избор на подарок за празникот посветен на жената.
„ЗА ТАА ШТО ТИ Е СÈ“ не е само продажен базар, туку платформа каде уметноста, дизајнот и личната приказна се спојуваат во производи со посебна вредност. Настан за поддршка на локалните креативци и занаетчии, кои преку својата работа ја афирмираат вредноста на рачната изработка и автентичниот дизајн. Базарот нуди можност за директна средба со авторите, запознавање со процесот на создавање и избор на подарок што носи вистинска емоција.






