понеделник, 22 декември 2025

За 80 години МНР, премиера на „Сонцето, колку е блиску сонцето“ на Пројковски

Аудиовизуелно патување низ архетипски слики кои се дел од нашата колективна меморија, сè она што е поврзано со македонската драма, поезија, ликовната уметност, музиката…, преведено на современ сценски јазик – ќе биде претставено со музичко-сценскиот проект „Сонцето, колку е блиску сонцето – Made in МНТ“ по повод 80 години постоење на Македонскиот народен театар.

Објавено на

часот

Сподели

Ова го соопшти режисерот Дејан Пројковски на прес-конференција по повод премиерата на претставата или сценски спектакл, како што го најави МНТ, што ќе се одржи в понеделник, 29 декември. Ќе учествуваат 60 актери – 40-ина од ансамблот на МНТ, како и студенти по актерска игра, актери – надворешни соработници до оперски уметници и деца од драмски студија, со музика во живо, 3Д мапинг, кореографија, анимации…

Пројковски истакна дека одговорноста и возбудата се големи затоа што, рече, да се работи јубилеј на МНТ значи да се патува низ времето и на публиката да ѝ го претстави сето она што било важно во театарот, а со тоа и во македонската култура. Насловот „Сонцето, колку е блиску сонцето“ е преземен од првата изговорена реплика на сцената на МНТ со која на 3 април 1945 почнува работата на театарот.

„Се одлучивме дека тоа е најадекватното име, зашто таа прва реплика го отвори бескрајот, го отвори универзумот наречен МНТ и таа реплика нè води низ целата претстава која е рефлексија на сè она што е МНТ. Создаваме уметнички перформанс кој повеќе се занимава со театарот и со играта како феномен, многу помалку со фактографија затоа што и не ни е тоа намерата на претставата. Се обидуваме да се присетиме дека во Македонскиот народен театар се родиле и ‘Буре барут’, ‘ММЕ кој прв почна’, ‘Среќна Нова ‘49’, ‘Кенгурски скок’, ‘Макавејски празници’ и голем број други култни претстави кои се дел од темелот на она што денес се нарекува современ МНТ“, истакна Пројковски.

Претставата во траење од два часа и 15 минути ги опфаќа и препознатливите народни приказни и митови, пример Силјан Штркот, елементи на античката трагедија со рефлексии на Сердарот, Болен Дојчин…, дел посветен на македонската поезија и драма, при што, рече Пројковски, дури и битовата драма и постарите драмски дела ќе прозвучат современо. Со примена на режисерски методи и преку пристапите на Брехт, Мејерхољд, Станиславски, се обидуваат, рече, да создадат современ контекст на целата драматургија.

„Најважно е што направивме претстава да биде достојна на 80-годишниот јубилеј на МНТ и на сите актери, режисери, драматурзи кои го поминале својот живот во МНТ и ние како нова генерација сме должни да ја оддадеме таа почит“, рече Пројковски, кому помошник во режирањето на проектот му е Андреј Цветановски.

Во име на актерскиот ансамбл на МНТ се обрати Сашко Коцев кој истакна дека е голема чест да биде дел од овој јубилеј и, како што рече,  „рамо до рамо со овие актери и на оваа сцена“, затоа што дел од нив го поттикнале да ја избере актерската професија.

„МНТ не е место кое ти припаднало, треба да ти припадне или место што си го добил. Ова е место за кое си се борел, си сонувал, си мечтаел. Таа моја мечта се оствари пред 18 години и уште трае борбата да се биде што погоре на пиедесталот, да се биде што подобар под рефлекторот и да те види публиката“, изјави Коцев, додавајќи дека му недостигаат вакви проекти во кои учествува голем дел од актерскиот колектив, „организираниот хаос и самодисциплинирањето на толку многу луѓе“.

Композиторот Горан Трајковски,  кому оваа претстава непланирано му е 100-та јубилејна за која компонира авторска музика, рече дека музиката ќе биде интегрален дел од оваа театарска претстава и ќе се изведува во живо.

„Музиката се состои во два дела – претходно подготвена и музика која ќе се создава во живо како реакција на актерската игра и режисерските барања и за таа цел ангажиравме четворица музичари кои се дел од други театари или се слободни музичари“, рече Трајковски.

Сценограф на претставата е Валентин Светозарев, костимограф Марија Пупучевска, за сценските движења е задолжена Олга Панго, за ЗД Мапинг – Сергеј Светозарев…

Директорот на Македонскиот народен театар Никола Кимовски истакна дека осум децении Македонски народен театар значат многу повеќе од хронологија.

„Тие значат сцена како простор на слободна мисла, одговорност и визија. Значат генерации уметници кои го сфаќале театарот, не како професија, туку како животен повик. Во тој контекст, сценскиот спектакл не е јубилејна театарска форма по инерција, туку релевантен уметнички чин во полн состав. Низ силен визуелен и мултимедијален израз, претставата создава мозаик од македонската драматургија, поезија, музика и ликовност, како сведоштво за театарот кој отсекогаш бил дијалог меѓу традицијата и современото, меѓу локалното и универзалното“, истакна Кимовски и им се заблагодари на сите што учествуваат во проектот кои, рече, „ќе ја понесат тежината и светлината на овие 80 години“.

По премиерата на 29 декември, две следни изведби ќе има на 15 и 16 јануари, а во план е овој мултимедијален проект да остане на репертоарот и во наредните месеци. Кимовски посочи дека за јубилејот на МНТ му е доделен буџет од 700.000 денари кон кои МНТ, рече тој, ќе додаде и сопствени средства.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ