Во јавното обраќање вработените велат дека со овој избор се загрозува принципот на стручност и објективна проценка, кои се клучни за одговорно раководење со институцијата од национално значење.
„Наместо транспарентен избор со јасни критериуми, институцијата е доведена во ризик да биде водена од лице без потребно основно познавање на музејската дејност, но и заштитата и конзервацијата кои се составен дел во негувањето и грижата за колекцијата од над 3.300 уметнички дела – движно културно наследство (слики, скулптури, цртежи, графики, икони, етнолошки, библиотечен материјал и др.) и поседува 4 објекти (Даут-пашин амам, Чифте амам и Спомен куќата на Лазар Личеноски – кои се недвижно културно наследство и Мултимедијалниот центар Мала станица). Комплексноста на институцијата од музејски, заштитен и галериски аспект бара раководење од страна на кадар со високо познавање и искуство во заштита, конзервација и музејското работење.
Во галеријата, се нагласува, работат докажани стручни кадри со долгогодишно искуство и меѓународни референци, кои имаат значителен придонес во зачувување и промоција на уметничкото творештво и културното наследство, со исклучителни биографии и меѓународен кредибилитет во презентација и афирмација на националната култура и визуелна уметност. Дел од нив беа и пријавени на конкурсот за избор на директор на Националната галерија, но очигледно биле исклучени од фер и транспарентна постапка за избор.
Токму затоа, вработените бараат овозможување на транспарентна постапка со објективно рангирање на сите кандидати според образование, искуство, стручни звања и докажани резултати, при што јавноста ќе види дека изборот се базира на знаење, а не на лични интереси и квоти.
Вработените апелираат до надлежните да го зачуваат професионалниот интегритет на Националната галерија, како една од најзначајните институции за чување, заштита и презентација на културното наследство во земјата, а во прилог на заедничкиот јавен интерес за заштита на националното културно наследство“, се вели во писмото на вработените во НУ Национална галерија на Македонија.






