Фестивалот кој ќе трае до 10 август ќе понуди четиридневна програма исполнета со инспиративни филмски проекции, дискусии и музички настани. Годинава, публиката ќе има ретка можност да се сретне со еден од најзначајните кинематографи во светот, Флоријан Хофмајстер, како и со македонскиот актер Никола Ристановски, кој ќе одржи мастерклас.
Во рамки на фестивалот ќе се прикажат филмови во пет натпреварувачки категории: Меѓународна, Регионална, Национална, Студентска и Специјална програма „Соочување со минатото“, реализирана во соработка со Пропис Македонија. Жирито го сочинуваат истакнати филмски професионалци: Јелена Јованова, Никола Ристановски, Гвидо Казале и Бранко Ристовски.
Покрај натпреварувачката програма, фестивалот нуди и ревијални проекции, меѓу кои Вечер на холандски филм, еколошка програма во соработка со Еко свест и специјална ВР програма на кратки филмови.
Музичката ОФФ програма ќе ја претстави македонската електронска сцена со диџеј сетови на Андреја Салпе и Андреј Мицајков.
Фестивалот е поддржан од бројни партнери и спонзори, меѓу кои Пропис Македонија, Агенцијата за филм, Холандската амбасада, Општина Струга и други локални институции и бизниси.






