Вечерта започна со проекцијата на документарниот филм, кој низ архивски материјали и сведоштва го осветли континуитетот и културната важност на Македонскиот културно-информативен центар во Софија, како и важноста на „Македонската книжевна визита во Софија“, како траен простор на литературна размена и духовен дијалог.
Потоа, писателот Димитар Христов, поранешен директор на Бугарскиот културно-информативен центар во Скопје, се осврна на поетскиот и интелектуалниот профил на Бранко Цветкоски, нагласувајќи ја неговата посебна позиција во современата македонска литература и неговата способност да гради поетика што е истовремено лична, длабока и универзално читлива.
Со специјално обраќање, присутните ги поздрави и македонската амбасадорка во Бугарија, Агнеса Руси-Поповска, која го истакна значењето на книжевноста како траен облик на културната дипломатија и ја нагласи вредноста на творештвото на Бранко Цветкоски во македонски, балкански и европски контексти, како и симболиката на двојниот јубилеј – 20 години Македонски КИЦ во Софија и 15 години „Македонска книжевна визита“.
Проф. д-р Зоран Пејковски, директор на Македонскиот културно-информативен центар во Софија, во своето излагање понуди обемен и концептуално заокружен книжевно-филозофски осврт за збирката „Вообразби – (Лирски етиди за некој друг свет)“.
Пејковски истакна дека поезијата на Бранко Цветкоски не припаѓа на лесната или моментална лирика, туку на онаа ретка поетска практика што бара одговорност од читателот. Според него, „Вообразби“ не е книга што се чита со брзина, туку дело што отвора простор за тишина, навраќање и внатрешен дијалог, бидејќи станува збор за поезија што се движи меѓу животот и неговото надминување, меѓу зборот и молкот, меѓу видливото и невидливото.
Во своето излагање, Пејковски ја определи вообразбата кај Цветкоски како онтолошка сила, односно како начин на постоење, а не како обична стилска или психолошка категорија. Поетската слика, според него, не ја украсува мислата, туку ја заменува и ја носи таму каде што рационалниот говор престанува. Токму затоа песните во оваа збирка се лирски етиди – концентрирани духовни дејствија, вежби на постоењето и на јазикот.
Особено беше нагласено присуството на мистичното и архетипското како структурни димензии на поетскиот јазик. Пејковски посочи дека кај Цветкоски мистиката не е религиозен украс, туку искуство на премин, на праг и на граница, при што поетскиот субјект постојано се движи меѓу светлината и темнината, меѓу говорот и тишината, меѓу животот и заминувањето. Во таа смисла, неговата поезија може да се доведе во дијалог со апофатичката традиција и со оние поетики што го препознаваат неизустливото како суштинска димензија на вистината.
Пејковски истакна и дека јазикот кај Цветкоски е телесен и жртвен, зборот боли, старее, трепери и се принесува, што ја поврзува оваа поезија со длабоката линија на македонската и европската лирика, од Ацо Шопов до Пол Целан. Иако длабоко вкоренета во македонската духовна и јазична почва, поезијата на Цветкоски, според него, не е локална, туку универзална, токму затоа што не се откажува од сопствениот јазик и од етичката строгост кон зборот.
Во завршницата на својот осврт, Пејковски ја определи збирката „Вообразби“ како дело на поетска зрелост и доцен стил, во кое смртта не е тематска сензација, туку онтолошка претпоставка, а поезијата станува тивок, достоинствен разговор со минливоста. Оваа книга, нагласи тој, не се обидува да биде модерна или актуелна, туку вистинита, и токму во таа вистинитост ја носи својата најголема сила.
На крајот од вечерта, проф. д-р Зоран Пејковски им додели благодарници „Мостови на културата“ на учесниците и соработниците, како симболично признание за нивниот придонес во развојот на македонската културна присутност во Софија.






