петок, 20 март 2026

Во македонскиот КИЦ во Белград отворена изложба „Лица“ на скулпторот Ангел Коруновски

Во македонскиот Културно-информативен центар во Белград вечерва беше отворена самостојна изложба на скулпторот Ангел Коруновски насловена „Лица“ во која се неговите видувања на незабележителните лица на глобализацијата – анонимните, занемарените и замолчените поединци кои се движат низ сложеноста на глобализираниот свет.

Објавено на

часот

Сподели

Во изложените дела Коруновски преку синтеза на колаж, гест, акција и апстракција, го визуелизира човечкото присуство што постои под површината на модерната бучава. Секој портрет произлегува од слоеви на искинати весници – фрагменти од масовни медиуми кои го претставуваат огромниот тек на глобални информации. Самите материјали, некогаш носители на јавна вистина, се пренаменети во интимни, лични наративи.

„Претставена е исклучително интересна концепција од скулптури и ликовни дела што се препознатливи, и енергијата од нив е интензивна. Изложбата е наречена Лица, но тоа што го открива е еден предизвик – зад секој од овие лица коишто што ги разјадува полувистината, невистината, дезинформацијата, конзумеризмот, лагата, насилството, корупцијата, едноличноста – зад секој од тие лица вакви какви што се – се кријат личности кои се вистински предизвик да бидат откриени ако се загледате во прекрасните дела“, нагласи на отворањето Васко Шутаров, директор на македонскиот КИЦ во Белград.

Јасминка Ничева кустос советник нагласи дека изложбата на Коруновски го покажува неговото размислување кое е свежо и актуелно и претставува крик на уметникот на сегашноста.

„Претставуваме скулптор кој направи бум во Скопје изминатиот месец. Ова е одговор, крик на уметникот на се она што деновиве се случува и во изминатите години на глобално ниво во светот. Ова е повик за смирување на лудилото што го зафати светот. Токму затоа Коруновски ги претставува пред нас вечерва незабележливите лица на глобализацијата. Сепак, сметам дека не се тоа незабележливи лица затоа што тој преку овие физиономии кои на еден начин се прелеваат во околината, сепак фокусот го става на внатрешениот свет на човекот. Секој човек е вреден во светот за големо внимание, да биде забележан оти секој од нас има одредени квалитети и тие се она што секој од нас како човечко битие ги носи. Борбата на Коруновски со расточување на човечкото е многу значајно. Ангел секогаш се изразува и со тродимензионални размислувања“, потенцира Ничева.

Авторот на изложбата Ангел Коруновски  вели дека скулптурите и сликите негови се карактерни.

„Моето творештво е крик револт од една анксиозна состојба што ја наследивме поради системот што не опкружи. Прво не потишти како луѓе и пред Короната човештвото е занемарено во ликовната уметност, човечкиот лик општо човештвото се деградира. Секој еден потег во моите скулптури е едно чисто чувство. Никогаш не е толку добро бидејќи ние никогаш не сме такви – човекот е полн со многу наслаги за да оформи еден карактер. Така што и скулптурите и сликите се карактерни, имаат многу наслаги затоа што сите тие наслаги нас не дефинираат. Незабележливите луѓе сме ние, системот не прави незабележливи, а во принцип ние го создаваме општеството. И колку да не прават понезабележливи, ние сепак, постоиме. Изложбата ја посветувам на нормалниот човек, треба да се сакаме да се почитуваме да ја сакаме културата и уметноста“, вели Ангел Коруновски.

Изложбата е реализирана во соработка со Здружението за архитектура, дизајн и култура „Архифакт“ – Скопје, а во рамките на проектот за патувачки изложби „МузеумЛинк“ под кураторство на Јасминка Намичева – кустос советник. Претставувањето пред белградската публика е благодарение на поддршката од МКИЦ Белград и македонското Министерство за култура и туризам. Изложбата ќе биде отворена до 30 март.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ