петок, 12 декември 2025

Во КИЦ во Софија промовирани книги кои ги отвораат прашањата за културното наследство

Синоќа во македонскиот културен центар (КИЦ) во Софија се одржа културен настан „Книжевни портрети“, на кој беа промовирани две нови книги од, проф. д-р Маја Јакимовска-Тошиќ и проф. д-р Наташа Аврамовска, кои ги отвораат прашањата на културното наследство, неговото вреднување, како и местото на книжевните споменици во националната меморија.

Објавено на

часот

Сподели

Културниот настан го отворив директорот на КИЦ во Софија, Зоран Пејковски, а присутните имаа можност подетално да се запознаат со истражувачкиот пристап, методологијата и клучните идеи што ги развиваат авторките на двете книжевни дела.

„Книгата ‘Културното наследство и вредностните канони’ на проф. д-р Маја Јакимовска-Тошиќ претставува значаен научен обид за преиспитување на механизмите преку кои се градат, обликуваат и пренесуваат вредностите во културниот контекст. Авторката со прецизен и аналитички пристап ги отвора прашањата за тоа како се формираат каноните, кој ги одредува и во кои општествени и историски рамки тие се развиваат. Преку богата теоретска основа, делото укажува дека културното наследство не е статичен поим, туку жив процес подложен на толкување, критика и постојано преиспитување. Во својата анализа проф.д-р Јакимовска-Тошиќ успева да ги спои научната строгост со читлив, современ дискурс, со што книгата станува достапна не само за научниците и студентите, туку и за пошироката публика заинтересирана за културните прашања. Делото претставува и важен потсетник дека секое општество има нужда од постојано освестување на сопственото наследство, но и од критичко согледување на неговите вредности“, рече Пејковски.

Пејковски се осврна и на книгата „Книжевни паметници“ на проф. д-р Наташа Аврамовска.

„Книгата нуди продлабочена анализа на значајни книжевни творби и споменици кои ја обликувале националната и културната меморија. Авторката со широк пристап и детална научна обработка ја прикажува важноста на книжевните монументи како темели на идентитетот, традицијата и духовниот континуитет. Таа умешно го гради својот истражувачки наратив, прикажувајќи ја еволуцијата на книжевните споменици низ историјата, нивната жанровска и тематска разноврсност, како и нивната функција во културниот пејзаж. Книгата претставува значаен придонес во полето на книжевната историја, со јасно структурирани анализи и богата интерпретативна рамка која овозможува нови читања на познатите текстови“, рече Пејковски.

Тој потенцира дека настанот „Книжевни портрети“ ја спои научната строгост со топлината на културниот дијалог.

„Во дискусиите што се развија, авторките ги споделија своите истражувачки процеси, поттикнувајќи го интересот на присутните кон значењето на критичкото читање, интерпретацијата на наследството и улогата на книжевното истражување во современиот контекст. Атмосферата беше исполнета со идеи, интелектуална живост и взаемно почитување на творечкото дело. Одржувањето на овој настан во Македонскиот КИЦ во Софија е уште едно сведоштво за важноста на градењето културни мостови меѓу двете земји и за континуираното негување на македонската книжевност и културна мисла. Двата претставени труда имаат потенцијал да станат референтни точки во научните дискусии поврзани со културното наследство и книжевната историја“, рече Пејковски.

На крајот беа врачи благодарници „Мостови на културата“ по повод јубилејот 20-години од Македонскиот КИЦ во Софија.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ