Директорот на фестивалот Димитрија Доксевски истакна дека ИФФК „Браќа Манаки“ е фестивал што ја отвора својата врата за светлината на камерата.
„Целосно подготвени и возбудени го започнуваме 46. издание на првиот и најстар фестивал на филмска камера во светот, во полн сјај. ИФФК ‘Браќа Манаки’ и Битола, една недела ќе бидат центарот на филмски случувања во светот. Ќе пречекаме великани, оскаровци, врвни автори како Дариус Конџи, Воли Фистер, Семи Капланоглу, нашите лауреати. Тие ќе одржат мастеркласови, ќе престојуваат во Битола и ќе се дружат со нас за време на фестивалот“, нагласи Доксевски.
На филмското платно во Битола, во главната програма ќе бидат емитувани филмови што доаѓаат од фестивалите во Кан, Венеција, Берлин… истакна Доксевски.
„Оваа година имаме огромна бројка на акредитирани гости кои ќе присуствуваат во Битола за време на целиот фестивал. Исклучителен избор на филмови од официјалните програми. Имаме филмски ремек-дела кои се дел од специјалните проекции. Исклучителни гости кои ќе бидат дел од работилниците, предавањата и панелите на кои ќе говорат докажани и еминентни автори. Но, фестивалот ја враќа и програмата Макпоинт, зошто македонската продукција заслужува да биде гледана и препознаена. Макпоинт програмата има одлични македонски филмови кои публиката ќе може да ги гледа под отворено небо на платото пред Офицерскиот дом во Битола“, посочи Доксевски.
Најновото издание на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола почнува вечерва со проекција на македонскиот филм „Мајка“ во режија на Теона Стругар Митевска.
На отворена сцена во Битола ќе бидат врачени Златна камера 300 за животно дело која годинава му припадна на Дариус Конџи, кинематографер роден во Иран со богата кариера која ја остварува во САД соработувајќи со режисери од различен калибар. Награда Специјална камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност ќе им биде врачена на Семих Капланоглу, еден од највлијателните режисери во турската кинематографија и на Воли Фистер, американски оскаровец, а на свеченото затворање на фестивалот на Кирил Џајковски ќе му биде доделена „Голема ѕвезда на македонскиот филм“, признание за неговиот исклучителен придонес кон македонската филмска музика и култура.
Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ завршува на 26 септември со проекција на филмот „Диџеј Ахмет“ на режисерот Георги М. Унковски и кинематограферот Наум Доксевски.






