Оваа награда го препознава неговиот исклучителен уметнички опус кој ја обликуваше регионалната музичка сцена, вклучително и хрватскиот културен простор. Стефановски е уметник чие творештво ги надминува границите на една средина – неговиот музички јазик, авторитет и креативна доследност оставија силен белег во бројни соработки, меѓу кои Хрватска зазема посебно место.
Во текот на повеќедецениската кариера изгради автентичен и препознатлив музички израз во кој природно се испреплетуваат етно-џезот, инструменталниот рок, џез-фјужн и блузот, силно проткаени со наследството на традиционалните македонски ритми. Токму овој уникатен спој го направи симбол на македонската музичка култура, но и еден од најценетите гитаристи на меѓународно ниво.
Неговиот музички пат започнал кога далечната 1965 година добил акустична гитара на подарок, за која во почетокот всушност и не покажувал голем интерес. Сепак, во гимназиските денови се раѓа љубопитноста, започнува да свири, да создава музика, да собира бенд – сè со цел да собере пари и да заработи за уште подобра гитара и засилувач.
По завршувањето на гимназијата, составот „Леб и сол“ веќе беше сериозен бенд, а подоцна стана еден од највлијателните во историјата на регионалната музика. Бендот од Скопје, чиј опус трајно ја промени перцепцијата за инструменталната и етно-музиката на овие простори, стана познат по својот карактеристичен звук, за кој најзаслужен беше токму неговиот фронтмен Стефановски.
Од 1978 до 1991 година снимија 13 албуми, вклучително и концертни, а еден од највпечатливите е Live in New York, снимен во 1991 година во клубот CBGB.
Секако треба да се истакне и албумот Live in Macedonia, објавен по повторното обединување на групата во 2006 година, со кој се одбележаа 30 години од нивното постоење во состав: Влатко Стефановски, Бодан Арсовски, Гарабет Тавитјан и Коки Димушевски.
По распадот на „Леб и сол“, Стефановски оствари исклучително богата и разновидна соло кариера. Бројни албуми, соработки, музика за филм и театар, како и меѓународни проекти со светски музичари како John McLaughlin, Allan Holdsworth, Manu Katché, Pino Palladino, Tony Levin, Miroslav Tadić и Teodosii Spassov.
Значаен траг остави и неговиот албум Sarajevo, кој настана од потребата чувствата кон градот што го сака да ги преточи во музика, а целиот приход од продажбата го донираше за деца без родители. Низ годините соработуваше и со низа најзначајни имиња на хрватската музичка сцена, меѓу кои се Џибони, Арсен Дедиќ, Оливер Драгојевиќ, Матија Дедиќ, Миа Димшиќ, како и со инструментални проекти како Bow vs Plectrum (Hojsak & Novosel), но и со Загрепската филхармонија. Редовно настапуваше на концертните сцени низ земјата и учествуваше на бројни албуми наградени со Порин во различни категории, како изведувач и инструменталист.
Особено е симболично што Порин за посебен придонес доаѓа веднаш по објавувањето на изданието на кое Стефановски интерпретира десет евергрини на Ѓорѓе Новковиќ – Guitar Sings, снимени со Royal Philharmonic Orchestra во легендарното студио Abbey Road, со што симболично се поврзуваат неговата меѓународна кариера и трајната поврзаност со музиката на овие простори.
Со оваа награда, Влатко Стефановски се приклучува на угледната низа добитници на Porin Special Merit Award, чиј придонес е препознаен по силата и значењето на нивните кариери, меѓу кои се Stephen Kovacevich, Sting, Roger Waters, Johnny Winter, John Lydon, Arturo Sandoval, Jean-Luc Ponty, Ron Carter и Lee Konitz.
Придонесот на Стефановски несомнено е препознаен преку неговото трајно музичко влијание, врвните уметнички вредности, како и преку честите и со радост прифатени гостувања во Хрватска, кои претставуваат драгоцен додаток на неговата исклучителна кариера, соопшти организаторот.






