Како што информира владината прес-служба, силен впечаток остави точката и настапот на националниот ансамбл „Танец“ кои го отворија денешниот ден.
„Македонскиот павилјон изобилува со традиционални изложби, но најсилно и најголемо внимание зазема токму онаа на јапонскиот архитект Кензо Танге, кој го има проектирано Скопје по земјотресот во 1963 година. Како Влада остануваме посветени на афирмација на Македонија. Присуството на ЕКСПО 2025 година е уште еден доказ за тоа“, изјави портпаролката на Владата Марија Митева.
Како што соопшти денеска Министерството за култура и туризам, со својот динамичен настап и автентична изведба на македонските народни ора и песни, „Танец“ оставил силен впечаток кај многубројната публика и уште еднаш ја потврдил улогата на културата како мост за поврзување меѓу народите.
На настапот на „Танец“ му претходел свечен прием на кој министерот за култура и туризам Зоран Љутков, пред многубројните гости и меѓународни претставници, ја нагласил важноста на учеството на Македонија на настан од ваков ранг.
-ЕКСПО е место каде што светот се среќава – преку иновации, култура и визија за иднината. Нашето присуство тука е увертира за сето она што ќе го претставиме во наредниот период. Македонија денеска настапува со срце отворено кон светот – горда на своето наследство и насочена кон иднината, истакнал Љутков.
Особено внимание кај македонскиот павилјон, како што се наведува во соопштението, привлекла изложбата посветена на јапонскиот архитект Кензо Танге, визионерот што го проектираше Скопје по разорниот земјотрес во 1963 година.
-Со оглед на тоа што оваа, 2025 година одбележуваме 60 години од изработката на проектот на Кензо Танге за ново Скопје, изложбената поставка прикажува избор на авторски цртежи, проектна документација, историски фотографии, како и тродимензионален архитектонски модел, кој на апстрактен начин ја доловува неговата замисла, посочил Љутков.
Изложбата ја посетил и Пол Танге, син на големиот архитект, со што уште еднаш беше потврдена трајната врска меѓу Скопје и архитектонското наследство на неговиот татко.
-На приемот гостите имаа можност да дегустираат македонски специјалитети и вина, но и да се информираат за културните и туристичките потенцијали, како и за инвестициските можности што ги нуди нашата земја, се наведува во соопштението.
Инаку, во рамките на културната програма, предвидено е на Денот на независноста на Македонија, 8 Септември, да се одржи серија значајни културни претставувања, вклучително и настапи на Ана и Игор Дурловски, Кирил Џајковски и Владимир Четкар, чии уметнички изрази го носат македонскиот дух на современа сцена.
Учеството на Северна Македонија на „ЕКСПО 2025“ е дел од пошироката стратегија за меѓународна промоција и афирмација на земјава како современа, културно богата дестинација, отворена за нови партнерства и инвестиции