недела, 4 мај 2025

Велигденска музичка магија на традиционалниот концерт на „Танец“

Познати ора и песни – слушани, гледани, пеени, играни веројатно „цел живот“, но секогаш зачудува новата енергија на македонската традиционална музика кога „Танец“ ќе ја донесе на сцената. Така се случи и на вчерашниот велигденски концерт ( и тој веќе традиционален) на Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“, што се одржа во Националната опера и балет.

Објавено на

часот

Сподели

Концертот започна со кореографијата „Мијачка“, со сплет од машки и женски ора, својствени на Мијаците од Мала Река, за да продолжи со изведните на песните „Јордано зрно одбрано“, „Три биљбиља појев“ и „Две ме моми сакав“, на женска и машка вокална група, како и едно женско вокално трио. Кореографијата „Поречки игри“, беше некако како логичен след во програмата по „Мијачка“, но и изведбата на „Кавадарка“, која е всушност фрагмент од кореографската поставка на „Тропнало оро“.

А капела-изведбата (без инструментална придружба) на песната „Нели ти реков моме Донке“ на машката пејачка група на „Танец“, веќе значително ја „испровоцира“ публиката да им се придружи, а расположението прогресивно растеше со „Оркестарскиот сплет“ во аранжман на Дарко Илиевски и кореографијата „Преспански игри“.

Првата кулминација на концертот беа изведбите на народните песни: „Подранила Цена“ во интерпретација на солистот Драган Николовски, а особено со „Запеало славеј пиле“ и „Низ двори се шета мома Катерина“ како своевидно минишоу на солистката првенец на „Танец“ – Сузана Спасовска.

Кореографијата „Драчевка“, всушност сплет на ора од Скопско беше разиграно и динамично финале на концертот, со кој започнаа велигденските празнувања, како спојка на фолклорот и традиционалните вредности во македонското современо живеење.

                                                                                                                                                Ј.П.

 

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ