. Публиката беше одушевена од драмата со примеси на комедија , што ја третира темата на машиновозачите и траумата што ја имаат поради неизбежната појава на прегазување на луѓе на железничките пруги. По проекцијата на филмот публиката беше дел од сесијата на прашања, а актерот Ристовски со задоволство одговараше на љубопитната публика.

„Мојот татко беше железничар, а на Милош дедо му бил машиновозач и имавме ‘педигре’ и предзнаење. Во Србија е направен документарен филм за оваа проблематика. На секој машиновозач му се случува тоа ‘прегазување и тоа се трауматични работи што ги доживуваат. Машиновозачот треба да почне да кочи 700 метри пред да застане. Пред некоја година филмот се прикажуваше во Хаг и публиката поставуваше многу прашања. Отпосле сфативме дека половина сала биле машиновозачи. А токму во тој град најголема е смртноста од фрлање под воз. Токму во денот кога требаше да летаме назад во Србија, имаше незгода – некој се фрлил под воз“, раскажа Ристовски.

Еден од најголемите предизвици при создавањето на оваа улога за него било фактот дека требало да игра резигниран лик, несреќен и очаен.
Наградата „Мето Јовановски“ ќе му биде врачена на Ристовски вечерва во 20 часот. Потоа ќе бидат презентирани победниците од ланската програма за развој и продукција на студентски и дебитантски филмови. Од официјалната програма ќе биде прикажан хрватскиот филм „Кога завршува летото“ во режија на Данис Тановиќ.






