На 1 ноември, Хаџиманов со својот бенд повторно ќе настапи во „Јавна соба“ во Скопје, во концерт што ветува вечер исполнета со слобода, импровизација и звучна алхемија.
Скопје не му е само град на настап, тоа е место на лични и уметнички врски, на пријателства и инспирации. „Секое повторно доаѓање во Скопје е радост и средба со публиката што многу ја сакам“, вели тој.
Во пресрет на концертот, Хаџиманов зборува за својата музичка филозофија, за џезот како жив организам, за балканската енергија што го движи и за потребата од искреност во секој тон.
По подолг период повторно настапувате во Скопје. Какви емоции буди овој повраток и што очекувате од средбата со македонската публика?
– Јас сум поврзан со Македонија и со Скопје од многу причини што сите ги знаат, па нема потреба повторно да ги повторувам. Секое повторно доаѓање во Скопје, а особено во „Public Room“, за мене е радост и задоволство, тоа е средба со публиката и со пријателите што многу ги сакам.

Вашата музика секогаш остава впечаток на слободен тек – импровизација, фузија, момент. Како успевате да ја одржите рамнотежата меѓу структурата и спонтаноста во вашиот звук?
– Акцентот секогаш е на спонтаноста, повеќе отколку на структурата. Основата на сè и изворот на инспирацијата е џезот – мојата прва љубов и дел од секоја композиција што ја свириме, без разлика колку стилови дополнително се спојуваат во неа. Концептот на џезот е токму тоа – музика што настанува во моментот, пред нас, без однапред зададени шаблони. Тоа е она што најмногу го сакам. Структурата постои само како ориентир, за ако некогаш „одлетаме“ во друг правец, да знаеме каде треба да се вратиме.
Последниве години џезот сè повеќе се преплетува со електроника, етно и урбани влијанија. Каде ја гледате неговата еволуција денес?
-Џезот е музика што постојано се менува и еволуира, музика без правила. Без разлика на тие што би сакале да ја задржат само во рамките на бибапот и свингот, или оние што мислат дека единствениот пат е авангардата – вистината е дека нема една дефиниција за тоа што е „правилен“ џез. Тој е жив организам кој расте и се трансформира според тоа како музичарите го чувствуваат и го создаваат. Сè е дозволено, сè е во игра.
Вашиот бенд е познат по неверојатната енергија на сцената. Како ја градите таа синергија со музичарите за време на настап?
– Клучно е да имаш музичари што ја имаат таа енергија и желба да ја споделат со тебе. Првиот и најважен чекор кон добра енергија на сцената е да имаш добри луѓе околу себе, а јас имам голема среќа што секогаш сум опкружен со фантастични музичари полни со енергија.
Што може публиката да очекува на концертот во „Јавна соба“ – избор од постоечките албуми, нов материјал или нешто подготвено специјално за оваа прилика?
– Ќе свириме комбинација од нашите композиции од осумте албуми и нешто ново што го подготвуваме за деветтиот, кој е во најава. Ќе има од сè по малку.

Во вашата музика често се чувствува духовна и емотивна димензија. Што ве инспирира денес, по толку години музичко патување?
– Инспирацијата доаѓа од сè што ти се случува во животот, но доаѓа само ако ѝ дадеш шанса. Креативноста се буди кога си вреден и посветен, кога секојдневно работиш. Не можеш само да чекаш инспирацијата да падне од небо. Тоа е комбинација на труд и на таа необјаснива состојба кога стапуваш во контакт со нешто повисоко и создаваш нешто ново.
Соработувавте со бројни македонски и регионални уметници. Кои од тие соработки оставија најсилен впечаток врз вас?
– Македонија е посебна земја од многу причини, една од нив е неверојатната количина на музички талент што постои тука – уште од времето на мојот дедо, па до денес. Секоја соработка со македонски музичари за мене е богатство. Секојпат учам нешто ново и тоа е непроценливо.
Џезот бара потполна искреност, и во звукот и во моментот. Како се менува вашата интерпретација низ годините, како музичар и како човек?
– Суштината не се менува. Искреноста отсекогаш била првиот и најважен критериум во уметноста и музиката. Со текот на времето учиш, созреваш, тргаш некои нешта, додаваш други, но суштината ја препознаваш и ја чуваш. Таа останува таму каде што била од самиот почеток.
Ако треба да ја опишете суштината на концертот во Скопје со една реченица – што би сакале публиката да понесе со себе по завршетокот на настапот?
– Секојпат кога сме свиреле во Скопје, во „Public Room“, или каде било во Македонија, впечатокот бил ист – комуникацијата и интеракцијата со публиката биле спонтани, искрени и полни со љубов. Убеден сум дека истото ќе се случи и овој 1 ноември во „Public Room“.
П.Р.






