УЗКН соопшти дека целта на континуираното учество на оваа берза е промоција и популаризација на нашето богато културно и археолошко наследство, а годинава и афирмација на традициите поврзани со лозарството и винарството, како дел од културниот идентитет на Тиквешкиот регион.
„Ова е петто учество на Република Македонија на овој престижен меѓународен настан, што ја потврдува континуираната и плодна соработка со Република Италија во областа на заштитата и промоцијата на културното наследство. Македонскиот штанд, кој традиционално ги претставува највпечатливите археолошки локалитети, цркви и манастири, оваа година е збогатен и со содржини подготвени од Винскиот музеј од Кавадарци. Оваа година штандот на Управата го посети и амбасадорот на Република Македонија во Италија, Весел Мемеди“, соопшти Управата за заштита на културното наследство.
Медитеранската берза за археолошки туризам е единствен настан од ваков вид во светот, под покровителство на УНЕСКО и Светската туристичка организација (UNWTO). Таа претставува меѓународна платформа за средби, размена на искуства и развој на интеркултурен дијалог меѓу институции, музеи, универзитети, туристички оператори и професионалци од областа на културниот туризам.
„Со ова учество, Управата за заштита на културното наследство повторно ја потврдува својата заложба за активно претставување на Република Македонија на меѓународни форуми и за унапредување на видливоста на националното културно наследство како ресурс за одржлив развој и културна дипломатија“, се наведува во соопштението на УЗКН.






